Фото: ЕПА

Промена на воената доктрина на Блискиот Исток – на удар клучни гасни и нафтени капацитети

  • Историјата од Иранската револуција се повторува, расте ризикот од стагфлација и силен удар врз малите економии

Воените дејства на Блискиот Исток полека од напади врз воени цели сега се фокусираа врз енергетските капацитети на земјите, со што светот се исправа пред сериозна криза,која може да кулминира со колапс на светските економии.
Имено, откако неодамна беше погодено гасното поле Јужен Парс, што беше прв потврден напад врз иранската енергетска инфраструктура од почетокот на војната пред речиси три недели, инаку најголемиот производител на природен гас во светот, Иран возврати со напад врз индустриската област Рас Лафан во Катар, каде што се наоѓа најголемата постројка за производство на течен природен гас во светот. Ваквата размена на напади врз исклучително важни енергетски капацитети за целиот свет доведе до енормен скок на цените на нафтата. Тие веќе ја надминаа магичната граница од 100 долари и ако конфликтот не деескалира во следниот период, само небото е граница до каде ќе одат цените на енергентите. Војната на Блискиот Исток сега се заканува да предизвика сериозен колапс во целиот свет и да доведе до рекордни цени на нафтата во последните 40 години. Последен пат кога цените беа во ваков ризик (пред околу 40 години, за време на Иранската револуција), светот влезе во долга рецесија.

Владата најавува мерки, но неизвесноста расте

Она што е повеќе од извесно, а што веќе го чувствуваат македонските граѓани и компании врз сопствените буџети, тоа е неминовното покачување на цените во сите области.
Неодамна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска рече дека Владата постојано ја следи состојбата со случувањата на Блискиот Исток и дека постојано ќе се наоѓаат решенија, во зависност од ситуацијата.
Во вакви услови, дополнителното користење на продуктоводот „Вардакс“ се смета за важен чекор за енергетската стабилност на државата. Покрај зголемената сигурност во снабдувањето, овој систем овозможува и намалување на транспортните трошоци, што индиректно може да влијае и врз цената на горивата на домашниот пазар.

Економистите предупредуваат на глобален шок

Повеќе економски експерти се согласуваат дека најновиот развој на настаните на Блискиот Исток може сериозно да ја потресе глобалната економија.
– Ескалацијата на воените дејства на Блискиот Исток, особено насочувањето кон енергетската инфраструктура, претставува клучен пресврт што значително ги зголемува ризиците за глобалната економија. Нападите врз гасното поле Јужен Парс и индустриската зона Рас Лафан не се само регионален безбедносен проблем туку и директен удар врз глобалните синџири на снабдување со енергенти. Прво, ваквите напади создаваат силен шок на понудата на светските пазари на гас и нафта. Кога се цели на капацитети од ваков обем, неизбежно доаѓа до намалување на достапните количества и зголемување на неизвесноста. Пазарите реагираат веднаш, растот на цената на нафтата над 100 долари за барел е класичен сигнал за страв од недостиг и за шпекулативни движења.
Второ, растот на цените на енергентите има силен инфлаторен ефект. Енергијата е влезен трошок речиси во сите економски активности, почнувајќи од транспортот до производството на храна. Затоа, ваквиот шок брзо се прелева во повисоки цени на основните производи, што директно го намалува реалниот доход на населението. Историското искуство од Иранската револуција покажува дека ваквите енергетски шокови може да предизвикаат т.н. стагфлација – комбинација од висока инфлација и слаб економски раст. Тогашниот раст на цените на нафтата доведе до долготрајна глобална рецесија, а ризикот од слично сценарио денес не е занемарлив. Трето, финансиските пазари стануваат поосетливи. Зголемената неизвесност ги оттурнува инвеститорите кон побезбедни средства, што може да доведе до пад на инвестициите во земјите во развој. Истовремено, централните банки се наоѓаат во тешка позиција, дали да ја зголемат каматната стапка за да ја контролираат инфлацијата или да ја поддржат економијата – посочуваат економистите.

Кои се ризиците за Македонија и што е потребно да се преземе

Нивен став е дека за Македонија, како мала и увозно зависна економија, ефектите би биле особено изразени.
– Прво и најдиректно, зголемените цени на нафтата и гасот ќе доведат до раст на трошоците за увоз на енергенти. Тоа ќе го влоши трговскиот дефицит и ќе изврши притисок врз девизните резерви. Второ, ќе се зголемат цените на електричната енергија и горивата на домашниот пазар, што ќе предизвика нов инфлаторен бран. Тоа директно ќе ги погоди домаќинствата, но и компаниите, особено во индустријата и транспортот. Трето, економскиот раст ќе забави. Компаниите ќе се соочат со повисоки трошоци, намалена побарувачка и поголема неизвесност, што ќе доведе до одложување на инвестициите и евентуално намалување на вработеноста. Четврто, фискалниот притисок врз државата ќе се зголеми. Владата ќе биде ставена пред избор, дали да субвенционира дел од енергетските трошоци за да го заштити стандардот на граѓаните, што би го зголемило буџетскиот дефицит, или да дозволи пазарните цени целосно да се пренесат врз економијата. Петто, постои ризик од енергетска несигурност. Иако Македонија нема директна зависност од Блискиот Исток, глобалните пазари се меѓусебно поврзани, па секој шок се прелева и кај нас преку цените и достапноста – истакнуваат економистите.
Според нив, во вакви услови, клучно е државата да преземе проактивни мерки како диверзификација на енергетските извори, зголемување на домашното производство на електрична енергија и поттикнување на енергетската ефикасност. Истовремено, неопходна е внимателна монетарна и фискална политика за да се амортизираат ударите.
– Насочувањето на воените дејства кон енергетската инфраструктура претставува сериозна закана за глобалната економска стабилност. Иако колапс на светските економии не е неизбежен исход, ризикот од длабока и продолжена криза е реален, особено доколку конфликтот продолжи да ескалира. За Македонија тоа значи потреба од брза адаптација и внимателно управување со економските политики за да се ублажат последиците. И, што е најважно, Македонија мора да сфати дека треба да се врати на производството на храна бидејќи ги има сите потребни услови за тоа. Не може од земја производител да се претворивме во земја увозник на храна. Тоа е недозволиво, особено во овие нови констелации. Ако сами произведуваме храна, тогаш граѓаните ќе бидат поштедени барем од високите трошоци за храната, а ако во некое скоро време се вратиме на ова производство, тогаш вишоците храна може да ги компензираме со набавка на енергенти што ги немаме. Мора да го искористиме тоа што го имаме, односно што ни го дала географијата – препорачуваат економистите.