Секоја трета жена што е убиена во Србија во текот на 2017 година претходно во полиција има пријавено дека била изложена на семејно насилство
Во првите три месеци годинава 18 жени смртно настрадале од раката на своите брачни и вонбрачни партнери, што претставува најголем број на жртви од семејно насилство во последните десет години. За споредба, лани во Србија во семејно насилство настрадале 29 жени, а во 2010-та биле убиени ист број жени како од почетокот на годинава. Во просек, на секои шест дена имало по една жртва, пишува „Политика“, која се обиде да најде одговор за тоа кој затајува во синџирот на заштита на жртвите од семејно насилство.
Вања Мацановиќ, адвокат на Автономниот женски центар, предупредува дека многу професионалци и натаму не ја препознаваат состојбата на висок ризик. Како аргумент за ова се наведува информацијата за тоа дека секоја трета жена што е убиена во текот на 2017 година претходно во полицијата имала пријавено дека била изложена на насилство.
– Јелена Г. од Пожаревац настрада од раката на својот сопруг затоа што полицаецот што излегол на терен по нивната кавга во домот проценил дека нема ризик за жртвата, а сопружниците ги упатил на Центарот за социјална работа. Добро е тоа што тој е казнет и што добил отказ поради неговото несовесно извршување на работата. Истражувањата говорат дека ризикот од убиство се зголемува со љубомората, стравот од напуштање на партнерот и со поседувањето оружје – вели Мацановиќ.
Анализата на Центарот за истражување на јавните политики покажува дека секоја трета жена што е убиена во семејно насилство во последните неколку години настрадала од огнено оружје во сопственост на сопругот или партнерот. Студијата со наслов „Злоупотреба на оружје и родово засновано насилство“ заклучува дека од 170 убиени жени во претходните пет години, 57 биле убиени со оружјето што се наоѓало во нивниот семеен дом и било во легален посед на партнерот. Истото тоа се однесува и за семејните пресметки во Житиште и Велика Иванчи. Иако не може да се предвиди кој ќе биде идниот убиец, некои детали од биографијата на насилникот можат да го вклучат црвеното светло.
– Психолозите и криминолозите што ги изучуваат причините за фемицид предупредуваат дека за убиство на брачниот партнер претходно има период на долгогодишно психичко и физичко насилство. По убиството можеме да слушнеме изјави од соседите, роднините и од пријателите дека жртвата била малтретирана со години. За жал, насилството неретко почнува кога жената е најнемоќна, додека е трудна или по раѓањето дете – нагласува Вања Мацановиќ.
Со Законот за спречување насилство во семејството, кој е донесен минатата година, се воведува нулта толеранција за насилството, а за изминатиот период се изречени 10.000 итни мерки за оддалечување на насилникот заради заштита на жртвата. Меѓутоа, најголемиот број обвинети за насилство во семејството и натаму добиваат условни казни.
– Службите не работат како што треба. Во Белград само во четири полициски станици (од 17) има одредено лица што се занимаваат исклучиво со семејно насилство, а во внатрешноста на Србија состојбата е уште попроблематична. Слично е и во обвинителството, а доколку сѐ биде добро поставено, постапката за ваквите дела може да биде завршена за еден месец – вели соговорничката за „Политика“.
Според Весна Николиќ Ристановиќ, директорка на Виктимолошкото друштво на Србија, донесувањето на репресивните закони нема влијание на намалувањето на криминалитетот, што се гледа и низ зголемениот број жртви од семејно насилство по донесувањето на соодветниот закон.
– Кривичните закони не можат да ги решат напластените психолошки и семејни проблеми. Мора да се интензивира работата во превенција на фаталните исходи. Сите анализи говорат за тоа дека на насилниците ретко им се одредува притвор, а тоа е мерка што главно ја заштитува жртвата од евентуална ескалација на насилството и убиствата. Најмногу се изрекуваат условни казни и недостигаат мерки за надзор во спроведување на условните мерки. Освен тоа, забележан е тренд на самоубиства меѓу сторителите на насилство во семејството. Голем број мажи што ја убиле својата сопруга или членови од своето семејство кренале рака на себе и го прекинале сопствениот живот – заклучува директорката на Виктимолошкото друштво на Србија.