Новиот авторски албум „Muscle Memory“ на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски ќе се најде во продажба од 20 март, како компакт-диск и како дигитално издание. За љубителите на винили, „Кроација рекордс“, матичната дискографска куќа на Влатко, подготвува и лонгплеј-плоча. Новиот студиски албум носи девет нови композиции, кои стилски се движат меѓу прогресивен рок и фјужн, со препознатливата виртуозност и емотивна изразност што со децении го одбележува неговото творештво. На албумот има четири инструментални композиции и пет песни со текст, а покрај неверојатните гитарски сола на Влатко Стефановски и неговото карактеристично чувство за мелодија, песните како „Модерни времиња“, насловната „Muscle Memory“, „Фалиш ми“, „Срце скршено“ и други звучат продукциски и изведбено на светско ниво.
„Muscle Memory“ е уште еден доказ за она кон што Влатко Стефановски се стреми во текот на целиот свој уметнички пат – постојано истражување, поместување на сопствените граници и создавање уникатен музички израз. Со врвни инструменталисти, гости на албумот: Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и постојаните членови на неговото трио – Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара – новиот албум ги спојува виртуозноста, емоцијата и богатото музичко искуство, потврдувајќи ја извонредната креативност на еден од најзначајните гитаристи на овие простори. Новиот албум на Влатко Стефановски – „Muscle Memory“ излегува набрзо откако неодамна „Кроација рекордс“ го објави инструменталниот албум „Guitar Sings“, на кој гитарскиот виртуоз на посебен начин ги отсвири најголемите хитови на легендарниот хит-мејкер Ѓорѓе Новковиќ. На споменатово издание, Стефановски соработуваше со „Ројал филхармоник оркестра“ од Лондон, што беше остварување на уште еден од неговите дамнешни соништа.































