Во нашето време зборот „војна“ повторно се врати во секојдневниот речник на човештвото. Војната во Украина, конфликтите на Блискиот Исток, тензиите меѓу големите сили и големиот број регионални судири создаваат чувство дека светот повторно влегува во епоха на нестабилност. Човекот од XXI век, кој до вчера веруваше дека живее во период на цивилизациски напредок и глобална поврзаност, денес повторно се соочува со една од најстарите трагедии на човештвото – војната. Кога зборуваме за војната, најчесто мислиме на фронтови, тенкови, ракети, разурнати градови и човечки жртви. Војната ја гледаме како нешто што се случува на бојното поле или во политичките центри на моќта. Сепак, христијанската традиција нуди една подлабока дијагноза: војната не започнува на фронтот, таа започнува во срцето на човекот.
Оваа мисла не е модерна морална сентенца, туку духовна вистина што се протега низ целото христијанско предание. Во Светото писмо мирот е еден од централните поими. Само во Новиот завет зборот „мир“ се спомнува повеќе од деведесет пати. Но уште од самиот почеток станува јасно дека мирот не е едноставна категорија.
Христос во своите беседи зборува за мирот на начин што понекогаш изгледа парадоксално. Во Беседата на гората Тој вели: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“ (Мт 5,9). Но на друго место во Евангелието според Матеј, Христос изговара зборови што на прв поглед звучат спротивно: „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Мт 10,34). Како е можно Христос, Кого христијанската традиција го нарекува Кнез на мирот, да зборува за меч?
Клучот за разбирањето на ова прашање се наоѓа во зборовите што Христос ги изговара во својата проштална беседа: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот“ (Јн 14,27). Овде Христос прави јасна разлика меѓу два вида мир. Постои мир што го дава светот – мир што често е резултат на политички компромиси, рамнотежа на сили или привремено отсуство на конфликт. Но постои и мир што доаѓа од Бога – мир што е плод на помирувањето на човекот со Бога и со сопствената совест.
Токму затоа христијанската традиција уште рано забележала дека мирот може да има две лица. Постои мир што е плод на правдата и љубовта, но постои и мир што е само привид – надворешна стабилност што прикрива неправда и насилство. Ова прашање станува особено важно во IV век, кога христијанството станува дел од јавниот живот на Римската Империја. Тогаш црковните отци започнуваат подлабоко да размислуваат за мирот не само како лична добродетел туку и како општествена реалност.
Презвитерот Амониј Александриски уште во III век забележува нешто многу важно: световниот мир понекогаш може да се склучи и со лоша цел. Политичките договори можат да создадат надворешен мир, но ако во срцето на човекот остане омразата, тој мир е само привремен. Христовиот мир, напротив, значи нешто многу подлабоко. Тој подразбира внатрешно помирување на човекот – состојба во која душата е ослободена од страстите што го разоруваат човекот.
Оваа мисла ја развива и Свети Василиј Велики. Според него, мирот е „врвот на пирамидата на благословите“. Тој се препознава по спокојството и непоматеноста на разумот. Човекот што го стекнал мирот е благ, тивок и стабилен. Но оној што е заробен од гнев, суета, завист или алчност сè уште не го вкусил мирот што доаѓа од Бога. Оттука произлегува една важна духовна вистина: мирот не може да се изгради само со политички договори, тој мора да започне во човековата душа.
Историјата е полна со примери кога војните биле оправдувани со возвишени идеали – национални интереси, религија, цивилизациска мисија или безбедност. Но зад тие големи зборови често стојат многу постари човечки страсти: желба за моќ, страв, алчност или гордост. Токму затоа Свети Јован Златоуст прави една позната поделба на војните. Тој зборува за три вида војна. Првата е општата војна – судирот меѓу народите на бојното поле. Втората е општествената војна – конфликтите и поделбите меѓу луѓето во едно општество, омразата и непријателствата што го разоруваат заедништвото. Но, постои и трета војна и, според Златоуст, таа е најстрашна од сите. Тоа е војната што човекот ја води со самиот себе.
Кога телото се бори со душата, кога страстите ја напаѓаат совеста, кога гневот и зависта го заробуваат човекот – тогаш започнува вистинската трагедија. Зашто дури и надворешните непријатели не можат нужно да ја уништат душата. Но ако човекот ја изгуби внатрешната битка, тогаш го губи најважното. Затоа Златоуст поставува едно провокативно прашање: Каква е користа ако целата вселена е во мир, а ти во исто време си во борба со себе?
Ова прашање звучи особено силно во нашето време. Денешниот свет вложува огромни напори во изградба на системи за безбедност, дипломатски механизми и меѓународни институции. Сето тоа е важно и неопходно. Но ако човековото срце остане исполнето со омраза, страв и егоизам, тогаш ниту една политичка структура не може трајно да го гарантира мирот. Историјата го потврдува тоа повеќепати. По секоја голема војна, човештвото се надева дека научило лекција. Се создаваат нови договори и институции. Но по неколку децении, конфликтите повторно се враќаат. Причината не лежи само во политиката туку и во самото разбирање на човекот. Ако човекот се гледа само како политичко или економско суштество, тогаш решенијата ќе се бараат само на тие нивоа. Но христијанството тврди дека човекот е пред сè духовно суштество.
Кога духовниот поредок во човекот е нарушен, тогаш се нарушува и поредокот во општеството. Токму затоа Христос не ги нарекува блажени само оние што живеат во мир туку и оние што го создаваат мирот. Миротворецот не е човек што едноставно избегнува конфликт, тој е човек што активно работи на помирување.
Свети Григориј Ниски објаснува дека миротворец е оној што му дава мир на другиот. Но веднаш додава една важна мисла: никому не можеме да му дадеме нешто што самите го немаме. Затоа човекот најпрво мора да се исполни со мир, а потоа да го сподели со другите. Според него, мирот е врската на љубовта меѓу луѓето. Сè што е спротивно на љубовта – омразата, зависта, злопамтењето – неизбежно води кон распад на мирот. Кога тие страсти ќе се прошират во општеството, нивна крајна форма се токму воените катастрофи.
Свети Јован Златоуст оди уште подалеку и вели дека не е доволно само да се помират непријателите, повисока форма на миротворство е да се создаде пријателство меѓу луѓето. Тој дури советува миротворството да стане „професија“ на христијанинот – постојана задача да се надминуваат конфликтите и да се гради заедништво. Но и тука повторно се враќаме на истата мисла: човекот најпрво мора да се спријатели со самиот себе. Златоуст ја споредува душата со град во кој се води војна. Гневот се бори против кротоста, алчноста против умереноста, зависта против добротата. Сè додека оваа војна трае во човекот, вистински мир не може да се воспостави.
Но тука се појавува уште едно важно прашање: Дали секој мир е добар? Современиот човек често мисли дека мирот по секоја цена е највисоката вредност. Но црковните отци прават јасна разлика меѓу вистинскиот и лажниот мир. Вистинскиот мир се темели на правдата и вистината. Лажниот мир е оној што се создава со компромис со злото.
Свети Григориј Богослов предупредува дека постојат и „штетни согласности“ и „одлични раздори“. Понекогаш е подобро да се прекине лажниот мир отколку да се прифати согласност што се темели на неправда. Историјата на човештвото е полна со таков мир – договори што на краток рок ја запираат војната, но не ја решаваат нејзината причина. Под површината на мирот продолжуваат да тлеат незадоволството и омразата, кои подоцна повторно избувнуваат.
Затоа христијанската перспектива не ја гледа војната само како политички проблем, туку како духовна трагедија. Во секоја војна, дури и кога една страна се брани од неправда, последиците се трагични. Луѓе умираат, семејства се распаѓаат, а цели генерации растат во сенката на насилството.
Војната секогаш остава длабоки рани – не само во градовите и земјите туку и во човечките души. Можеби токму затоа Свети Јован Златоуст инсистира дека најважната борба не е онаа што се води на бојното поле, туку онаа што се води во срцето. Ако човекот успее да ја победи омразата во себе, ако ги надмине алчноста и гордоста, ако научи да го гледа другиот човек како брат – тогаш се отвора вистинската можност за мир. Но ако таа внатрешна победа не се случи, секој надворешен мир ќе биде само привремен. Затоа христијанската визија за мирот започнува од нешто што изгледа многу мало и лично – од преобразувањето на човековото срце.
Кога човекот се помирува со Бога, постепено се менува и неговиот однос кон другите луѓе. Наместо непријател, тој почнува да гледа ближен. Наместо закана, почнува да гледа брат. Оваа промена не се случува преку политички програми или идеолошки проекти, таа се случува во тишината на човечката совест. И можеби токму затоа Евангелието повторно и повторно ја повторува истата едноставна, но радикална вистина: блажени се миротворците.
проф. д-р Виктор Недески
Авторот е продекан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при УКИМ во Скопје































