Повредените млади луѓе од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска учествуваа на кошаркарски натпревар, кој беше организиран како дел од активностите за одбележување на годишнината од трагедијата. На отворањето на настанот присуствуваа министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Општата болница во Кочани Катерина Паниќ-Мирчовска.
Министерот Алиу истакна дека Владата организира повеќе настани во рамките на одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар, а кошаркарскиот натпревар е еден од нив. Тој појасни дека иницијативата за ваков спортски настан дошла од самите млади кои биле повредени, а поддршката за реализација ја дале директорката на болницата и локалната самоуправа, пренесе МИА.
Според Алиу, ова е прв спортски настан на кој учествуваат граѓани кои поминале низ тежок и трауматичен период. Тој нагласи дека е особено охрабрувачки што денес тие повторно се активни и можат да се видат на теренот како спортисти.
Министерот додаде дека државните институции имаат обврска да продолжат да помагаат и да вложуваат во процесот на опоравување на повредените млади луѓе. Тој посочи дека државата е свесна за нивните потреби и дека ќе продолжи со поддршката во процесот на лекување и рехабилитација.
На прашањето дали и ова лето повредените ќе имаат можност за рехабилитација во одморалиштето на Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија на планината Пониква, Алиу рече дека одлуката ќе биде донесена врз основа на проценките на лекарите и експертите кои ја следат нивната здравствена состојба. Тој нагласи дека Министерството за здравство ќе продолжи да ја поддржува работата на стручните тимови.
Говорејќи за процесот на повторна проценка на здравствената состојба на повредените, Алиу истакна дека по завршувањето на реевалуацијата Владата и Министерството ќе преземат соодветни чекори. Дел од пациентите, како што посочи, ќе бидат упатени во странски клинички центри за третмани кои не се достапни во домашниот здравствен систем.
За оние кои ќе продолжат со лекувањето во земјава, веќе е подготвен протокол за нивно згрижување во рамките на македонскиот здравствен систем. Алиу нагласи дека здравствената состојба на повредените се евалуира по вторпат и дека процесот ќе продолжи и во иднина со цел да се применуваат нови и посовремени медицински пристапи.
Директорката на Општата болница во Кочани, Катерина Паниќ-Мирчовска, изјави дека денешниот кошаркарски натпревар претставува можност повредените млади луѓе да покажат колку напредувале во процесот на рехабилитација. Таа истакна дека кошарката, како тимски спорт, придонесува тие да работат и соработуваат заедно.
Паниќ-Мирчовска додаде дека многумина од нив се запознале и зближиле во текот на лекувањето, а дел од повредените денес присуствуваат и како публика. Таа оцени дека за општеството е гордост што тие продолжуваат со својот живот и постепено се враќаат на секојдневните активности, особено на спортот, кој во нивниот случај има и улога на физикална терапија, со оглед на повредите на рацете.
Во однос на реевалуацијата на здравствената состојба, Паниќ-Мирчовска појасни дека станува збор за континуиран процес кој се спроведува на секои шест до седум месеци. Во него се вклучени различни специјалисти, меѓу кои дерматолози, пулмолози и хирурзи.
Таа посочи дека и неодамнешната меѓународна конференција на која учествувале лекари од странски центри за третман на изгореници била особено корисна, бидејќи овозможила размена на стручни искуства и мислења.
Во наредниот период, како што најави, кај дел од пациентите ќе започнат и хируршки интервенции, но само кај оние кај кои лузните се доволно стабилизирани за таков зафат. Таа нагласи дека станува збор за сложени повреди и дека е потребен внимателен пристап, бидејќи избрзаните одлуки можат да доведат до формирање нови лузни.
Еден од повредените млади луѓе, Драган Давитковски, изјави дека кошаркарскиот натпревар има и хуманитарна цел. Според него, преку настанот се собираат средства за изградба на споменик посветен на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

































