Фото: ЈП за државни патишта/Фејсбук

Потпишан е Анекс број 8 на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, со кој се обезбедуваат дополнителни средства и нов рок за завршување на проектот.

Како што соопшти Јавното претпријатие за државни патишта, анексот го потпишаа заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и директорот на претпријатието Коце Трајановски и генералниот претставник на компанијата „Синохидро“ во Македонија, Чен Чен.

Со анексот се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра, а новиот рок за завршување на автопатот е 31 мај 2027 година.

Дополнителните средства се наменети за непредвидени и нови градежни работи неопходни за целосно завршување на проектот, меѓу кои санација на 14 свлечишта, обезбедување глобална стабилност на трасата, поставување еластична одбојна ограда според европскиот стандард EN 1317, изградба на контролен центар, како и изградба на дополнителни паралелни патишта.

Од Јавното претпријатие посочуваат дека со овој анекс се надминуваат проектните предизвици поврзани со косините и свлечиштата и се создаваат услови за поинтензивно продолжување на градежните активности.

Во изминатиот период дел од трасата веќе беше пуштен во сообраќај. Во текот на 2025 година беа отворени три делници на потегот Врбјани – Ботун и Климештани – Охрид, со вкупна должина од 27,96 километри, а беа изградени и дел од пристапните патишта до околните населени места.