Отворен книжевен настан посветен на женските ликови од литературата и на жените што стојат зад создавањето книги ќе се одржи в сабота, на 7 март, со почеток во 12 часот, на платото пред книжарницата ,,Сакам книги” во Лептокарија.
Под мотото „Секоја жена има своја приказна“, разговорот ќе се фокусира на книжевните хероини што инспирираат, на авторките што создаваат силни приказни и на сите жени кои придонесуваат тие дела да стигнат до читателите.
Разговорот ќе го води Александра Тодоровиќ заедно со авторката Ксенија Николова, а настанот ќе има интерактивен формат во кој и публиката ќе може да се вклучи и да сподели свои омилени книжевни ликови и инспирации.
Организаторите најавуваат опуштена книжевна средба, наменета за разговор, размена на идеи и одбележување на женскиот глас во литературата. За посетителите ќе биде обезбеден и специјален попуст на книгите кој ќе важи само за време на настанот. Настанот е отворен за сите заинтересирани, а влезот е слободен.
































