Основно јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за уште 48 часа за Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана Јовановска, која заедно со нивната ќерка падна од шестиот кат од зграда во скопската општина Карпош.
Од Обвинителството информираа дека продолжувањето на притворот е побарано бидејќи во тек се повеќе истражни дејствија. Меѓу нив се постапување по наредби за вештачење на три мобилни телефони и други предмети, како и обезбедување и анализа на видеоснимки од повеќе локации што се сметаат за релевантни за случајот.
Исто така, се прибира и целокупната документација поврзана со претходни поплаки и пријави за семејно насилство што се однесуваат на осомничениот и на починатата жена.
Од обвинителството посочуваат дека се преземаат и други дејствија значајни за утврдување на фактите и за докажување на кривичните дела чии елементи во моментов се испитуваат.
Ивана Јовановска и нејзината ќерка Катја Јовановска починаа во понеделникот околу 14 часот, откако паднаа од шестиот кат на зградата во која живееле.
Стојанче Јовановски е осомничен за семејно насилство и наведување на самоубиство.
































