Фото: ЕПА

Историски паралели и експертски толкувања за непредвидливоста како политички метод

Историјата познава лидери што ја користеле непредвидливоста како инструмент. Но контекстот, институционалната рамка и глобалната меѓузависност денес ѝ даваат ново значење на непредвидливоста на лидерите, особено на американскиот претседател.

Теоријата на лудиот: од Ричард Никсон до денес

Најчесто споменуваната историска паралела со „непредвидливоста како политичка доктрина“ е со поранешниот претседател на САД, Ричард Никсон. Имено, во текот на Виетнамската војна, неговата администрација свесно ја пласирала идејата дека „претседателот е способен за радикални, па и ирационални потези, со цел противниците да бидат оттурнати кон компромис од страв од ескалација“.
Политикологот и професор на Универзитетот „Харвард“, Греам Алисoн, во своите анализи на кризни одлуки укажува дека „перцепцијата за рационалноста на лидерот е клучна во меѓународните кризи. Доколку противникот верува дека лидерот има контрола и јасна стратегија, тогаш дури и заканата изгледа пресметана. Но ако се создаде впечаток на хаотичност без јасна цел, ризикот од погрешна процена драматично расте“. Токму во таа смисла, прашањето е дали денешната непредвидливост на Трамп е контролирана или ерозивна.

Импулсивни лидери низ историјата

Историјата нуди и други примери на лидери чиј стил бил нестандарден, понекогаш и контрадикторен. На пример, Шарл де Гол често носел изненадувачки одлуки. Имено, повлекувањето на Франција од воената структура на НАТО во 1966 година беше шок за сојузниците. Но и покрај драматичноста, неговата стратегија била втемелена во јасна визија за француската сувереност.
Современикот на Трамп, Владимир Путин, според низа психолози и политички аналитичари, „често користи тактика на двосмисленост, а тоа е комбинација од негирање и демонстрација на сила. Но зад таа тактика стои долгорочна геополитичка агенда што аналитичарите ја препознаваат како конзистентна“.
Разликата кај современата американска ситуација е што контрадикторноста не изгледа секогаш како дел од долгорочен план, туку како флуидна позиција што се менува во зависност од моменталниот политички или медиумски контекст.

Експертска опсервација: Две становишта за непредвидливоста

Професорот по меѓународни односи Џозеф Нај, автор на концептот за „мека моќ“, нагласува дека кредибилитетот е суштинска компонента на влијанието.
– Моќта не е само способност да принудиш туку и да убедиш – пишува Нај. Кога изјавите често се менуваат, способноста за убедување се намалува.
Од друга страна, конзервативниот аналитичар Џон Болтон, кој служеше како советник за национална безбедност, во повеќе наврати ја бранеше агресивната реторика како неопходна за „враќање на одвраќањето“. Според ова гледиште, тврдата и непредвидлива позиција може да спречи противникот да тестира граници.
Но меѓу овие две позиции стои суштинската дилема, која се идентификува со прашањето што им го поставивме на наши врвни експерти. Имено, кога непредвидливоста ја зголемува преговарачката моќ, а кога ја намалува довербата?
– Можно е сегашната фаза да претставува транзиција од традиционална, институционално филтрирана дипломатија кон персонализирана, медијатизирана политика. Во таков модел, лидерот станува главен канал на надворешната политика, а институциите играат споредна улога – вели нашата соговорничка, професорка на АУЕ-ФОН.
Историјата покажува дека системите се адаптираат. Но адаптацијата има цена. Ако непредвидливоста стане трајна карактеристика на најмоќната држава, тогаш и другите актери ќе ја прифатат како „нова норма“, со зголемен ризик од погрешни процени и ескалации.
– Непредвидливиот лидер може да создаде краткорочен шок што носи предност. Но долгорочно, стабилноста на меѓународниот систем зависи од довербата во зборот, договорот и континуитетот. Историјата нè учи дека силните држави преживуваат не само поради воената и економската моќ туку и поради веродостојноста. Кога таа ќе се доведе во прашање, светската политика влегува во зона на повисок ризик, зона во која секоја изјава може да стане искра – вели професорката Александра Србиновска-Дончевски, професорка на Факултетот за политички науки и експертка за комуникациски вештини. П.Р.