Во периодот од 28 февруари до 2 март, во Софија се одржа академски портрет на Јордан Плевнеш, писател со меѓународно реноме и претседател на универзитетот Еуропа Прима. Гостувањето на Плевнеш започна со учество во најпопуларната емисија на Бугарската Национална Телевизија БНТ, Панорама, кое предизвика широки реакции бидејќи, тој зборуваше на тема „Балканот како поле на Цивилизација на Љубовта“ издигнувајќи се над манипулациите на политичките елити кои секојдневно пласираат индустрија на омраза.
Наредниот ден во амфитеатарот на Националната театарска и филмска академија НАТФИЗ, во присуство на претставници и на други универзитети, како Нов Бугарски Универзитет, Универзитетот Софија, Универзитетот Неофит Рилски и Американскиот универзитет од Благоевград, Плевнеш одржа двочасовно предавање со наслов „Глобалната трагедија од Антиката до денес и дали уметноста може да го промени светот“. Низ импресивен број на примери од неговите изведби на драмски дела на различни јазици и на разни меридијани, тој направи една хронолошка одисеја на неговиот уметнички живот со цела светска плејада на личности од книжевниот, театарскиот и филмскиот свет кои оставиле неизбришливи траги во светската духовна меморија.
На прашањето дали уметноста може да го промени светот тој одговори со зборовите на легендарниот Питер Брук од документарниот филм чиишто автор е самиот Плевнеш, прикажан во многу земји во светот: „Ниедно уметничко дело не можело да ја промени сликата на светот, бидејќи нуклеарниот геополитички терор и тиранијата на моќта на парите секојдневно ја уништуваат човечката надеж. “
Посебен интерес кај публиката предизвика француското издание на неговата драма „Кирил и Методиј кои сте вие?“ за која уводна реч одржа познатиот бугарски драматург Христо Бојчев, а за која еден од најзначајните светски театролози Жорж Бани во неговиот предговор напиша „Јордан Плевнеш е планетарен автор.“
Како што е познато, Плевнеш е првиот македонски автор игран во Народниот театар Иван Вазов, со драмата „Р“ во режија на Љубиша Ѓеоргиевски, а во самото предавање учествуваа актерите на од неговата поседна драма „Глобална комедија“ постaвена во култниот Сатиричен театар во Софија, Јорданка Стефанова и Теодор Елмазов.
Следниот ден, во легендарното Кино Влајкова беше прикажан документарен филм за Плевнеш во којшто со повеќе интернационални референци е сублимирана неговата богата творечка дејност и бројните признанија, од кои вреди да се издвои Гран при за животно дело на Француската академија. Во рамките на оваа манифестација беше прикажан и македонско-францускиот филм „Тајната книга“ во режија на Владо Цветановски, а по сценарио на Јордан Плевнеш.
На иницијатива на повеќе врвни филмски дејци од Бугарија, во Софија е покрената идејата за основање на „Балкинофест“, на кого ќе се прикажуваат наградените филмови од Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз, Берлин и Вашингтон.
Пред преполната сала на Кино Влајкова што прославуваше стогодишен јубилеј, Плевнеш му ја врачи на Руси Чанев, еден од најславните актери од Бугарија, наградата „SEE Actor 2025“ од Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз, Берлин и Вашингтон, што предизвика овации од софиската публика.



































