Фото: ЕПА

Најмалку 1.045 лица, меѓу кои војници и цивили, загинале од почетокот на американско-израелската воена кампања против Иран, објави иранската новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на податоци од Фондацијата за прашања на мачениците и ветераните.

Претходно, Иранската Црвена полумесечина соопшти дека бројот на загинати изнесува 787 лица, што укажува на растечки биланс на жртви во текот на конфликтот, пренесе МИА.

Во меѓувреме, Комитетот на Обединетите нации за правата на детето, на состанок во Женева, повика на итна заштита на децата поради засилената ескалација на насилството во регионот. Во соопштението, група од 18 независни експерти изрази длабока загриженост за сериозните последици што конфликтот ги има врз најмладите.

Комитетот предупреди и на извештаи за напади врз цивилна инфраструктура, вклучително училишта и болници. Како пример беше посочен наводниот напад врз женско училиште во градот Минаб, на првиот ден од судирите, при што според иранските власти загинале повеќе од 160 лица.

Нападот засега не е потврден од Вашингтон ниту од Тел Авив. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Пентагон спроведува истрага за околностите поврзани со инцидентот.