Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет против едно лице осомничено за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем, по кривична пријава поднесена од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот преку посебно креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук објавувал содржини што поттикнувале национална и етничка дискриминација, со што се ширела омраза кон македонската држава и националниот идентитет, пренесе МИА.
По претходни сознанија добиени од Агенцијата за национална безбедност, полициски службеници извршиле претрес, при што бил одземен пропаганден материјал кој 30-годишниот жител на Скопје го отпечатил со намера да го дистрибуира низ земјата.
Од Обвинителството наведуваат дека осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин, кој подолг период преку социјалните мрежи и интернет-портали објавувал содржини насочени кон поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство.
Јавното обвинителство, во координација со надлежните институции, продолжува со преземање активности за обезбедување дополнителни докази и целосно расчистување на случајот.































