Фото: МИА

Државен завод за ревизија (ДЗР) при ревизијата во Министерство за односи меѓу заедниците за 2024 година утврдил бројни неправилности во финансиското работење и во системот на јавни набавки, вклучително и недостиг на опрема, слабости во евиденцијата и исплата на плати без соодветна контрола.

На својата веб-страница, ДЗР објави извештаи за ревизија на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето на Министерството, како и посебен извештај за јавните набавки во 2023 година. Како што соопшти ДЗР, изразено е неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија, утврдиле состојби кои укажуваат на слабости при начинот на евидентирање и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.

 – Ревизорите утврдија нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28 проценти од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот. За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, додека, пак, за побарувањата од вработените во износ од 2.102 илјади денари односно 34.000 евра кои потекнуваат од минати години (2012-2020 година), Министерството не располага со документација за неподмирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ – се вели во соопштението од ДЗР.

Во однос на Програмата за финансирање на здруженија и фондации за 2023 година, ревизорите утврдиле дека таа била донесена во октомври истата година, кога бил објавен и јавниот повик, наместо во рок од 30 дена по донесување на Буџетот. На 33 здруженија и фондации им биле исплатени 19.800.000 денари. Комисијата за распределба на средствата, составена од 18 членови, не обезбедила документација за извршеното бодирање на 138 апликации.

 – Согласно Извештајот за користење на распределените средства и за постигнатите резултати од поддржаните активности на здруженијата и фондациите за 2023 година, од вкупно 33 здруженија и фондации, 17 односно 51 процент од нив треба да извршат поврат на средствата во Буџетот на државата во износ од 1.225 илјади денари, односно 19.850 евра, од причина што не доставиле докази за трошење на средствата. До денот на ревизијата 14 здруженија вратиле средства во износ од 361 илјада денари, со две здруженија се води постапка за медијација за враќање на средствата во износ 264 илјади денари, додека за едно здружение е поведена судска постапка за поврат на средства во износ од 600 илјади денари. За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165.010 илјади денари, од кои за 150 вработени по Потпрограмата К5 – Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи или за 61 процент од вработените, исплата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време, и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените – се вели во соопштението од ДЗР.

Ревизијата опфатила и јавни набавки, при што биле утврдени слабости во контролата на трошоците за гориво и во спроведувањето на одредени постапки. Според ДЗР, за трошоци за нафтени деривати биле исплатени 516 илјади денари без соодветна контрола на регистарските таблици и видот на горивото, што овозможило полнење гориво и за возила кои не се во сопственост на Министерството.

 – При спроведување на две постапки ревизорите утврдиле дека за понудената цена, за сервисирање на возила од 0,01 денар за 1 работен час и за провизија од 0,01 проценти од износот на угостителската услуга, комисиите не побарале објаснување за понудената невообичаено ниска цена. Притоа, во дел од фактурите за сервисирање на возилата за 2024 година вршена е замена на делови кои не се предвидени со листата во тендерската документација, за дел од ставките фактурирани се цени кои се неколку пати повисоки од прифатената понуда, а за извршените услуги не се доставени работни налози како прилог на фактурите. Исто така, при изборот на најповолен економски оператор за набавка на услуги од авторска агенција, иако како критериум е поседување лиценца А, Б, В или Г за вршење привремени вработувања, комисијата за јавни набавки не побарала да се достават бараните лиценци како доказ за исполнување на условите за учество во постапката за ЈН. Вредноста на склучениот договор е 11.800.000 денари – соопшти ДЗР.