Министерството за внатрешни работи има основани сомненија дека и порано нелегално била изнесувана марихуана од државата и оти покрај скопската „Алфа фарм“ и други компании се поврзани со шверцот, потврди денеска ресорниот министер Панче Тошковски, пренесува МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција тој побара разбирање од јавноста за процесот, кој, според него, е еден од најголемите кривично-правни предмети и посочи дека имаат сомнежи дека станува збор за организирана криминална група, чии припадници се и од земјава и од надвор.
– Ќе мораме како јавност да имаме разбирање дека можеби е еден од најголемите кривично-правни процеси коишто ќе треба да бидат сработени од страна на Министерството за внатрешни работи заедно во соработка, особено со Финансовата полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царина и Јавното обвинителство – рече Тошковски.
Подвлече дека државата ќе навлезе во суштината на предметот и оти ќе одговараат сите инволвирани.
– Ќе мораме да покажеме како држава дека во ваков огромен предмет, од секој аспект, од финансиски, кривично-правен, навистина ќе навлеземе во суштината на предметот. И нема да одговараат за кривично дело само „мулињата“, така обвинителството и во рамки на правната теорија се ословуваат оние кои се само транспортери на одредени нелегални стоки, туку навистина ќе одговараат оние кои што стојат позади целокупната таа организирана криминална банда. А за тоа ќе ни треба повеќе време – изјави Тошковски.



































