Пред падот од балкон на Ивана и нејзината шест годишна ќерка Катја во текот на вчерашниот ден имало и претходен настан со нејзиниот сопруг, односно расправија со сопружниците, откри на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој изрази сочувство и како што рече „ја споделувам болката и револтот што се чувствува во јавноста“.
Против нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка, а досега се евидентирани и десет кривични пријави против него од областа на насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога, пренесува МИА.
-Според досегашните утврдени факти настаните на 2 март 2026 година имале претходница којашто е предмет на детална анализа. Имено на истиот ден е примена пријава поврзана со расправија меѓу сопружниците. По приемот на пријавата полициски службеници биле упатени на лице место и во 12:19 часот пристигнале на наведената локација. На лице место бил извршен разговор со Ивана при што таа изјавила дека нема физички контакт меѓу неа и нејзиниот сопруг, дека се работело за недоразбирање кое го решиле по мирен пат и дека не бара полиција интервенција, ниту поведување на каква било постапка. Дополнително таа навела дека брачните односи ги решава преку разводна постапка и дека истите ќе ги регулира по институционален пат – вели Тошковски.
На службената полициска белешка се потпишала починатата Ивана. По што жртвата заминала и се упатила кон станот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ број 10/96, каде што во 14.10 од страна на случаен минувач е пријавено дека од зграда на булевар жена со дете паднале од балкон. Министерот за внатрешни работи Тошковски истакна дека сите комуникации и настани се документираат и ќе бидат предмет на анализа за овој случај. По усна наредба од слобода е лишен Стојанче Јовановски сопруг на Ивана и татко на шестгодишната Катја, а поради сомневање за сторено кривично дело. Јовановски се наоѓа во Полициска станица и со него се работи и се врши целосно документирање на случајот, и какошто вели Тошковски против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Министерот Тошковски рече дека во изминатите години од страна на СВР-Скопје се поднесени вкупно 10 кривични пријави против Јовановски во делот на областа на насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога.
-Во декември 2025 година по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од КЗ за трговија со дрога, бидејќи кај истиот биле пронајдени 20 паковки со дрога, истиот бил лишен од слобода, пришто Министерството за внатрешни работи отпочнало брза постапка и доставило кривична пријава до надлежен јавен обвинител – вели Тошковски.
Министерот Тошковски истакна дека лани и оваа година за Јовановски се евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади помеѓу сопружниците.
-По секоја пријава полицијата постапувала, се превземале мерки согласно Закон, кои се целосно документирани. Но, во сите наврати пријавите биле повлекувани од страна на оштетената, односно истата се откажувала од водење понатмошни постапки – изјави Тошковски.
Тој потенцираше дека е свесен оти јавноста очекува одговори и уверува дека сите детали и постапки за овој случај ќе бидат испитани детално.



































