Фото:Слободан Трендафилов/Фејсбук

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, ја напуштил денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), која се одржа во Владата, поради незадоволство од предложеното усогласување на минималната плата.

Трендафилов на својот Фејсбук-профил објави дека на седницата се направил обид минималната плата да се усогласи за 1.600 денари, што, според него, не е прифатливо за ССМ.

– Денеска, на мала врата се обидоа да утврдат усогласување на минималната плата за 1.600 денари, во што ССМ нема мандат да учествува и ја напушти седницата на ЕСС. Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми. За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март – напиша Трендафилов.

Од Сојузот на синдикатите претходно бараа минималната плата да се зголеми на 600 евра, како и зголемување на останатите плати за по 100 евра.