Иран денеска изврши ракетен и беспилотен напад врз повеќе држави во Заливот, при што експлозии и сирени за воздушна опасност беа регистрирани во Доха, Кувајт, Дубаи, Абу Даби и Бахреин.
Според првичните информации од регионалните медиуми, системите за противвоздушна одбрана биле активирани во неколку земји, а во повеќе градови биле забележани пресретнувања на ракети и дронови.
Дописниците на Ал-Арабија и Ал-Хадат јавуваат дека кувајтската противвоздушна одбрана пресретнала непријателски цели над крајбрежниот појас. Во Кувајт повторно се огласиле сирени, а според непотврдени информации, над американската амбасада бил забележан чад. Во Дубаи биле регистрирани две последователни експлозии, како и прелет на воени авиони. Во Доха се слушнале силни истрели, додека во Абу Даби одекнала, како што јавуваат очевидци, „огромна експлозија“. Густ чад бил забележан и над областа Џуфер во Бахреин.
Бригадниот генерал Мохамед Ал-Мансури, директор на Кувајтската цивилна одбрана, изјавил дека вооружените сили одбиле воздушен напад на северот од земјата.
-Звукот од експлозии што се слушаат низ целата земја е резултат на пресретнувањето на непријателски беспилотни летала и ракети – вели Ал-Мансури, додавајќи дека нападите биле запрени во близина на областите Салва и Румаитија и дека нема жртви.
И кувајтското Министерство за одбрана соопштува дека силите за противвоздушна одбрана „ефикасно пресретнале голем број непријателски воздушни цели“, потврдувајќи дека нема жртви. Во Бахреин, Министерството за внатрешни работи информира за пожар на брод што бил на одржување во индустрискиот град Салман. Според нив, пожарот бил предизвикан од фрагменти од пресретната ракета. Еден работник од азиско потекло загинал, а двајца други се тешко повредени. Генералната команда на одбранбените сили на Бахреин соопшти дека противвоздушните ракетни системи успешно одговориле на нападите.
-Сите системи се во состојба на максимална подготвеност за да обезбедат итен и решителен одговор на секоја закана – се наведува во соопштението.
САД, Саудиска Арабија и други арапски држави издадоа заедничка изјава со која ги осудија нападите, оценувајќи ги како ескалација што ја загрозува регионалната стабилност.
-Овие напади претставуваат ескалација што ја загрозува регионалната стабилност. Напаѓањето на цивили и земји кои не се вклучени во војната е неодговорно и дестабилизирачко однесување – се наведува во соопштението.
Министрите за надворешни работи на земјите од Советот за соработка во Заливот на итен видео-состанок ги осудија нападите како „дрски и неоправдани“, нагласувајќи дека земјите-членки имаат право да преземат сите неопходни мерки за заштита на својата безбедност и стабилност. Регионалните тензии во моментов се на едно од највисоките нивоа во последните години.































