Фото: принтскрин/Твитер/ Илустрација

Министерството за транспорт на Ирак соопшти дека националниот воздушен простор е затворен откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, кои израелскиот министер за одбрана Израел Кац ги опиша како превентивна операција.

Во меѓувреме, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Катар издаде наредба за засолниште за сите вработени, препорачувајќи им и на американските државјани во земјата да преземат исти мерки на претпазливост по утринските напади, пренесе МИА.

Според Кац, Израел ја започнал операцијата со цел да ги елиминира безбедносните закани кон државата, при што е прогласена вонредна состојба на целата територија.

„Државата Израел започна превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за Државата Израел. Вонредна состојба е прогласена низ целата земја“, изјави Кац, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Во повеќе делови на Израел биле активирани сирени за тревога, а Командата на домашниот фронт на израелските одбранбени сили ги повикала граѓаните да останат во близина на засолништа и да се подготват за можни ракетни напади.

Иранските медиуми јавуваат дека се слушнале најмалку три експлозии во централниот дел на земјата. Експлозии биле пријавени и северно и источно од Техеран, како и во градовите Исфахан, Караџ и Керманшах.