фото: ЕПА

Поранешниот претседател на Соединети Американски Држави, Бил Клинтон, денеска се појави на сослушување пред Конгресот во врска со наводите за поврзаност со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека никогаш не бил информиран за неговите кривични дела ниту, пак, сторил нешто незаконско, пренесе МИА.

– Прво, не знаев за злосторствата што ги изврши Епстин. Без оглед колку фотографии ќе ми покажете, имам две работи што се во крајна линија поважни од вашата интерпретација на тие фотографии стари 20 години – наведе Клинтон.

По објавувањето на документите од страна на американското Министерство за правда, во јавноста се појавија повеќе фотографии на кои Клинтон е заедно со Епстин, што дополнително ја поттикна дебатата.

– Како некој што пораснал во дом каде имаше семејно насилство, не само што немаше да летам со неговиот авион, ако знаев што прави, туку и самиот ќе го пријавив … Не видов ништо што ме натера двапати да размислам. Тука сме само затоа што тој толку добро и долго го криеше тоа од сите – наведе Клинтон.

Тој посочи дека нивната комуникација прекинала по 2008 година, кога Епстин призна вина за организирање проституција, и додаде дека нивното познанство било кратко и завршило многу пред неговите злосторства да станат јавни.

– Девојките и жените чии животи Џефри Епстин ги уништи заслужуваат не само правда, туку и исцелување. Тие предолго чекаат на тоа. Иако моето кратко познанство со Епстин заврши години пред неговите злосторства да излезат на виделина и иако за време на нашите ограничени интеракции никогаш не видов никакви индикации за тоа што навистина се случува, тука сум да го понудам она малку што го знам за да спречам нешто вакво да се случи повторно – додаде Клинтон.

Претходно пред Конгресот сведочеше и неговата сопруга, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон. Таа изјави дека никогаш немала средба со Епстин и не била запознаена со неговите незаконски активности. Сепак, потврди дека била во контакт со неговата поранешна соработничка Гилејн Максвел, која присуствувала на свадбата на нивната ќерка Челси Клинтон во 2010 година.

Брачната двојка Клинтон првично одбила да сведочи, но подоцна се согласила да се појави пред Конгресот откако пратениците најавиле можност за покренување постапка поради непочитување на институцијата.