Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи, во соработка со припадници на СВР Тетово, денеска во тетовското село Палатица привеле лице осомничено дека стои зад лажни дојави за поставени бомби во образовни установи.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека осомничениот бил задржан во полициска станица, а врз основа на судска наредба бил извршен и претрес во неговиот дом во селото. При претресот биле одземени повеќе електронски уреди, пренесува МИА.
-На 27.02.2026 во 09.10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица. Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи. По преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни – информираат од МВР.
Откако случајот ќе биде целосно расчистен и документиран, во координација со јавен обвинител, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава – соопштуваат од МВР.

































