Болеста сипаници кај овци и кози е потврдена во четири одгледувалишта во кумановското село Лопате, информира Агенција за храна и ветеринарство (АХВ).
Од Агенцијата соопштија дека болеста првпат била евидентирана пред еден месец, кога Факултет за ветеринарна медицина Скопје лабораториски го потврдил присуството на вирусот во едно одгледувалиште. Досега заразата е утврдена во вкупно четири фарми.
Во првото примарно жариште биле убиени и нештетно отстранети 65 овци, додека во останатите жаришта уништени се уште 61 овца со цел спречување на ширењето на болеста.
АХВ презеде низа мерки за контрола и сузбивање на заразата. Формирани се заштитна зона во радиус од три километри и зона под надзор од десет километри околу заразените одгледувалишта. Во овие подрачја е забрането движење на овци и кози, а се спроведуваат попис, клинички прегледи и лабораториски тестирања на животните. Наредени се и мерки за чистење, дезинфекција и третман на просториите, возилата и опремата.
Дополнително, забранета е работата на добиточни пазари, како и одржување изложби и други настани со овци и кози на територијата на целата држава. Се спроведува и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, пренесува МИА.
Од Агенцијата нагласуваат дека болеста не е зооноза, односно не се пренесува на луѓето, но може да предизвика значителни економски загуби во сточарството.
Суровото млеко и млечните производи од зоната под надзор може да се пуштат во промет само по термички третман – пастеризација на 72 степени Целзиусови во траење од 15 минути, додека производите надвор од рестриктивните зони може да се користат без ограничувања.
Болеста во регионот е веќе регистрирана и во Грција, Бугарија и Србија.

































