Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за два денара по литар, додека цените на бензините остануваат непроменети, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Со најновата одлука, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 1,17 проценти, пренесува МИА.

Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ ќе изнесува 71 денар за литар, а на Екстра лесното масло за домаќинство 70 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 останува 73,5 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 75,5 денари за литар.

Од РКЕ информираат дека зголемувањето следи по растот на референтните цени на светските пазари, каде бензините поскапеле во просек за 2,984 проценти, дизелот за 4,458 проценти, екстра лесното масло за 4,405 проценти, а мазутот за 3,47 проценти. Дополнително, курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,4692 проценти во споредба со претходната пресметка.