ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
- Трета сезона по ред, а деветта вкупно, осум земји се претставени во осминафиналето. Остана недостижна сезоната 2015/2016, кога меѓу 16-те најдобри настапија клубови од 10 земји. Вторпат во низа има еден клуб што стигна до осминафиналето откако ја почна сезоната во квалификациите, згора и како дебитант во ЛШ
Како и во претходните две сезони и сезонава во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе има клубови од осум земји, во однос на лани, кога се играше првата сезона според новиот систем на натпреварување (36 тима, една лига) сега има повеќе актуелни домашни прваци, ќе игра и еден дебитант во ЛШ, кој, пак, ја почна сезоната во квалификациите…
Ждрепката за осминафиналето ќе биде влечена денеска (од 12 часот), а можни двојки се: Пари сен Жермен – Барселона или Челси, Галатасарај – Ливерпул или Тотенхем, Реал Мадрид – Спортинг или Манчестер сити, Аталанта – Арсенал или Баерн, Њукасл – Челси или Барселона, Атлетико Мадрид – Тотенхем или Ливерпул, Бодо/Глимт – Манчестер сити или Спортинг и Баер – Баерн или Арсенал. Мечевите се предвидени за март. Можни се два дуела меѓу екипи од иста земја (во минатата сезона имаше два такви дуела).
Актуелните шампиони остварија подобар резултат сезонава во ЛШ, отколку минатата, бидејќи во осминафиналето се пласира еден домашен првак повеќе. Лани меѓу 16-те најдобри беа шест домашни прваци од претходната сезона, годинава се седум, и тоа Пари сен Жермен, Ливерпул, Барселона, Баерн, Спортинг, Галатасарај и Бодо/Глимт.
И сега во осминафиналето ќе настапат и екипи што ги освоија вторите, третите, четвртите и петтите места во домашните шампионати, како и еден тим, дебитантот Бодо/Глимт, што до осминафиналето стигна откако сезоната ја почна во квалификациите, во случајов од плејофот (лани Лил играше во осминафиналето, а сезоната ја почна во третото квалификациско коло).
Сезоната 2015/2016 останува недостижна според бројот на земји од кои потекнуваат осминафиналистите во најсилното клупско фудбалско натпреварување во Европа. Во таа сезона екипи од 10 земји беа меѓу 16-те најдобри тима во Лигата на шампионите, а годинава од осум (Англија, Шпанија, Франција, Германија, Италија, Турција, Норвешка и Португалија), колку што имаше во уште девет сезони, вклучувајќи ги и претходните две. Во четири други сезони имаше осминафиналисти од по девет земји… Н.М.
ЛШ, СЕЗОНА 2025/2026
ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Пари сен Жермен – Барселона или Челси
2. Галатасарај – Ливерпул или Тотенхем
3. Реал Мадрид – Спортинг или Манчестер сити
4. Аталанта – Арсенал или Баерн
5. Њукасл – Челси или Барселона
6. Атлетико Мадрид – Тотенхем или Ливерпул
7. Бодо/Глимт – Манчестер сити или Спортинг
8. Баер – Баерн или Арсенал
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
А. Победник 1 – Победник 2
Б. Победник 3 – Победник 4
В. Победник 5 – Победник 6
Г. Победник 7 – Победник 8
ПОЛУФИНАЛЕ
1. Победник А – Победник Б
2. Победник В – Победник Г

































