Министерството за образование годинава регистрирало вкупно 34 случаи на врсничко насилство, но не е пријавен ниту еден случај на насилство преку интернет. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на средба со ученици-активисти кои ги презентираа своите иницијативи за побезбедна дигитална средина и пријавување на сајбер-булинг.
– Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството за образование, но не е пријавен ниеден случај за насилство преку интернет, а вие велите дека го има. Јас би ве охрабрила, доколку сметате дека можеме да ви помогнеме, а можеме, кога ќе наидете на такво насилство, да го пријавите зашто ние имаме стручни служби што ќе поработат и со службите во училиштата и со наставниците, а ако има потреба и со насилникот, како и со жртвата, ако се обрати. Бидете мост меѓу интернетот и стручните служби. Поттикнете ги вашите врсници зашто разбирам дека меѓусебно најмногу се разбирате, дека на младите им требаат млади, но не исклучувајте ги возрасните. Некогаш и тие знаат да бидат корисни – порача Јаневска.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски нагласи дека во борбата против сајбер-булингот, покрај младите, неопходно е да се вклучат и родителите.
– Често ја повторуваме реченицата дека родителите не се научени да се справуваат со сајбер-насилството и сајбер-булингот зашто можеби тоа не постоело во времето кога растеле и биле воспитувани. Сега е некое друго време, кое го носи овој голем предизвик. Затоа е многу важно да се работи со родителите, но заедно и со сите партнери – училиштата, педагозите, стручните соработници и, секако, најмногу со младите. Ние една година го реализираме проектот ‘Центар за побезбеден интернет’ и овие лекции ги учевме лани, но проектот продолжува. Како институции ви стоиме на располагање за сите овие прашања што ги иницирате – истакна Андоновски.
Александра Ивановска од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје информира дека официјални пријави за онлајн-насилство речиси и да нема.
– Досега се за врсничко насилство во живо, но не и за онлајн-насилство. МВР има еден механизам што се вика ‘црвено копче’ за пријавување каков било вид насилство, вклучително и насилство во дигиталното опкружување. За жал, ова не е доволно познато и не ни има голем број пријавени. Конкретно, минатата година преку ‘црвеното копче’ имаше околу четири пријави, иако знаеме дека тоа е за сите видови насилство – истакна Ивановска.
Учениците од иницијативата #НетБезХејт ги претставија своите активности, кампањата и прирачникот за справување со онлајн-насилство, кои треба да бидат финализирани до крајот на годинава.

































