Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за здравство Азир Алиу денеска најави дека примената на законот за пушење на тераси кои мора да бидат отворени од три страни ќе биде одложена. Целта е сопствениците на угостителски објекти да добијат дополнително време за инфраструктурно усогласување со законските барања, пренесе МИА.

Во однос на електронските цигари, Алиу истакна дека тие ќе бидат забранети за користење во затворени простории. Дополнително, ќе биде ограничена продажбата на ароматизирани електронски цигари, сите вкусови што се привлечни за младата популација ќе бидат забранети, а ќе останат дозволени само производи со неутрален вкус и вкус на тутун.

Министерот појасни дека работните групи веќе ги завршиле консултациите со стручни лица, компании, угостители и други засегнати страни. Дел од нивните забелешки биле прифатени, како одложувањето на примената на законот за терасите, но други, како барањето електронските цигари да се користат во затворени простории, не биле усвоени.

– Електронските цигари се штетни исто како традиционалните и затоа нивната употреба во затворен простор нема да биде дозволена – нагласи Алиу, додавајќи дека целта на законот е заштита на населението, со посебен акцент на младите.