Дипломатска офанзива во сите облици за остварување на стратегиските цели
Бизнис-форумот како специјална разгледница-потсетник од Скопје до словачкиот премиер Фицо
- Бизнис-форумот како специјална разгледница-потсетник од Скопје до словачкиот премиер Фицо Економската дипломатија се наметнува како алатка за засилување на политичката видливост
По изјавата на Фицо во која ја заборави Македонија, во Скопје се одржа настан што, коинциденција или не, се совпадна со горенаведената дилема: за (не)видливоста на нашата земја од страна на официјална Братислава.
Бизнис-форумот меѓу Македонија и Словачка, со учество на институции, стопански комори и компании од двете земји, испрати поинаква порака: Партнерството не смее да остане само на хартија и декларативно!
Кога неодамна словачкиот премиер Роберт Фицо на средба со американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „Србија, Црна Гора и Албанија се стопати поподготвени за членство во ЕУ од Украина“, отсуството на Македонија од таа изречена реченица кај нас во јавноста беше доживеано како разочарување. За дел од дипломатите во Скопје, тоа беше само случаен пропуст, за други беше сигнал дека видливоста и перцепцијата за Македонија често имаат еднаква тежина со формалното исполнување на критериумите.
Дилемата што се наметна во моментот кога Фицо нѐ заборави нас пред Рубио беше дали Македонија е доволно присутна во европската дипломатска комуникација, особено во земјите од Вишеградската група, за да не остане „невидлива“ во клучни политички формулации?
Поздрав од Скопје до Роберт Фицо
По изјавата на Фицо во која ја заборави Македонија, во Скопје се одржа настан што, коинциденција или не, се совпадна со горенаведената дилема: за (не)видливоста на нашата земја од страна на официјална Братислава.
Бизнис-форумот меѓу Македонија и Словачка, со учество на институции, стопански комори и компании од двете земји, испрати поинаква порака: Партнерството не смее да остане само на хартија и декларативно!
Форумот беше заокружен со потпишување Меморандум за разбирање – документ што треба да создаде институционална рамка за подинамична и поорганизирана економска соработка. Посетата на словачката делегација имаше јасна цел: директно поврзување на стопанствениците, компаниите и коморите, со намера односите да се градат врз конкретни деловни врски, но и преку формализирани канали.
Токму во овој контекст економската дипломатија се наметнува како алатка за засилување на политичката видливост. Ако политичките формулации понекогаш ја изоставаат Македонија, тогаш економските проекти можат да ја вратат во фокусот.
Од постојна соработка до неискористен потенцијал
Од македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија беше потенцирано дека соработката со Словачка веќе постои, особено во автомобилската индустрија и делови од хемиското производство. Но, како што беше нагласено, вистинскиот потенцијал допрва треба да се искористи.
Нови можности се отвораат во енергетиката, информатичко-комуникациските технологии и индустриите со висока додадена вредност. Акцентот не е ставен само на привлекување странски инвестиции, туку и на јакнење на извозните капацитети на домашните компании. Како пример се посочува македонското вино, кое државата активно го промовира на странските пазари – не само како производ туку и како дел од националниот бренд.
Пораката од Братислава: Претприемачите како мост
Од словачка страна, министерот за финансии Ладислав Каменицки истакна дека претприемачите се носители на економскиот развој и иновациите. Според него, тие се мостот што ги поврзува државите и ги претвораат политичките договори во реални економски резултати.
Каменицки ги посочи ИКТ-секторот, инфраструктурата, енергетиката, здравството, туризмот и земјоделството како области со најголем потенцијал за заеднички проекти. Словачка може да понуди експертиза во примената на нови технологии, автоматизирани производствени процеси и системи што овозможуваат повисока продуктивност и намалување на отпадот.
Сензорските мониторинг-системи, дигиталното управување со процесите и индустриската автоматизација беа издвоени како конкретни сегменти во кои словачките компании можат да споделат знаење со македонските партнери. Доколку овие потенцијали се операционализираат, форумот во Скопје може да стане почетна точка на поинтензивна и посуштинска економска соработка.
Проактивна стратегија наместо реактивна дипломатија
„Времето на реактивна политика помина“, велат дипломатските извори. Денес е неопходна проактивна стратегија што ќе ја позиционира земјата како неизоставен фактор во секоја дискусија за проширувањето на Европската Унија. Таквата стратегија подразбира координирана акција на повеќе нивоа: политичко, економско, културно, безбедносно итн. Дипломатската офанзива мора да се води паралелно во повеќе престолнини, особено во земјите што имаат влијание врз динамиката на проширувањето. Во тој контекст, бизнис-форумот со Словачка може да се чита како повеќе од економски настан. Тој е порака дека Македонија не чека да биде спомната – туку настапува, иницира и создава конкретни партнерства.
Видливоста како политички капитал
Европската интеграција не е само технички процес на исполнување поглавја и критериуми. Таа е и политички процес во кој перцепцијата, препознатливоста и мрежата на сојузништва играат клучна улога. Ако Македонија сака да биде вклучена во секоја реченица што се однесува на проширувањето, тогаш мора да биде присутна во секоја релевантна иницијатива – од билатерални форуми до регионални платформи. Настанот во Скопје покажа дека економската соработка може да биде мотор на таа видливост. Ова треба да биде почеток на поофанзивна, самоуверена и стратешки осмислена надворешна политика. Зашто во европската политика, како и во бизнисот, важи едно непишано правило: не е доволно да сте подготвени – мора и да бидете препознаени! Е.Р.

































