Шест години од започнувањето со работа на независниот театар „Златен Елец“ се навршуваат овој февруари. Театарот почна со работа во 2020 година и досега има достигнато голем број резултати и успеси. „Не ми го чепкај пивото“ и трите монодрами „Дневникот на лудиот“ во режија на Ѓорѓи Ризески, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева, претставите за деца „Чувари на планетата“, „Чудесниот напиток“, „Тајната книга на дедо“ и други, стендап-настапите односно шоуто во изведба и авторство на Надица Петрова и продукциите во режија на наградената режисерка Тамара Стојаноска: „Грета“, „Разнесени“, „Пингвинот“, „Добри луѓе“, „Хинкеман“, „Сина сенка“, како и најнаградуваната претстава „Кенди“ по „Дневникот на лудиот“ во изведба на Бобан Алексоски, се дел од проектите на кои беше посветен тимот на театарот низ годините. Досега учествувале на многу фестивали во државата и надвор од границите, и тоа по неколкупати.
– Наградите за претставите, колективни или поединечни, се само поттик за уште поголема храброст и работа – велат од театарот „Златен Елец“, на кои годинава им припадна честа да ја напишат македонската порака по повод Светскиот ден на театарот.
Денеска во Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде одиграна најновата претстава „Сина сенка“, во режија на Тамара Стојаноска, од авторот Брајан Рејнолдс, во која играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ, а музиката е на Мајкл Хукер и Лука Тошев. Потоа, на 27 февруари, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес на репертоарот е претставата „Добри луѓе“ според Данкан Мекмилан, во режија на Тамара Стојаноска. Во оваа дуодрама играат Тијана Трајчевска и Филип Христовски, продуцент е актерот и еден од основачите Бобан Алексоски. На 28 февруари во МКЦ во Скопје ќе се одигра „Хинкеман“ од Ернст Толер, исто така во режија на Тамара Стојаноска, во која играат: Бобан Алексоски, Филип Христовски, Надица Петрова, Талија Настова, Ане Блажовски, Бранко Михајлоски и Леонида Гулевска, а музиката е на Лука Тошев. Сите изведби се со почеток во 20 часот. На 1 март повторно на репертоар по подолго време е претставата за деца „Чудесниот напиток“ во „Јавна соба“ во Скопје, со почеток во 18 часот. Следните месеци продолжуваат со репризи, гостувања и учества на фестивали со претставите.
– Театар „Златен Елец“ оваа година ќе има премиери на претставите „Теорема“ според Пјер Паоло Пазолини, во режија на Мирко Радоњиќ, и дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец, во режија на Тамара Стојаноска. Во план се уште неколку нови активности и продукции – информираат основачите на театарот. С.Ј.