Со изложба на маски, традиционални, современи, изработени од учениците од прилепските основни и средни училишта, поставена во ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“, денеска започнаа активностите за 25 – от Карневал Прочка, што ќе трае до 23 февруари. На изложбата претставени се околу 500 маски, кои преку суратите ја продолжуваат вековната традиција на Прилеп.
– Изложбата не е само приказ на вештини, туку мост меѓу традицијата што ја наследивме и модерната визија на учениците од училиштата. Изложени се стотици различни карактери, емоции и форми изработени од вештите раце на учениците. Секоја линија на суратите раскажува за нивната посветеност да го обликуваат материјалот во уметност, претворајќи ја детската фантазија во реалност која не фасцинира – рече Снежана Ристеска, советник за култура од Општина Прилеп.
Според градоначалникот Дејан Проданоски, традицијата е многу важна за Прилеп и ќе продолжи да се негува.
Жири комисијата ги додели и наградите за најуспешни маски. Гран при наградата отиде кај Димитар Седлоски од ОУ „Блаже Конески“, наградата за јуниор маска ја освоија децата од ДГ „Наша иднина“, наградата за традиционална маска ја доби Даниел Велкоски од с. Дупјачани, најдобра маска од прво до петто одделение е маската од ОУ „Добре Јованоски“, а беа доделни и поединечни награди. Специјално признание им беше доделено на малите Прилепски мечкари, кои је продолжуваат традицијата на мечкарската поворка стара 100 години.
Утре напладне е детскиот карневал, а централната манифестација е в недела, кога на плоштадот Методија Андонов Ченто, се очекува да продефилираат групни и поединечни маски од земјава и од странство.
Ка.М.




































