- Од „слободна трговија“ до прехранбена зависност: зошто агросуверенитетот е национална безбедност
„Немаме избор освен да се бориме“ – Моше Дајан (1915–1981) израелски генерал и државник, началник на Генералштабот на Израел (1953–1958), министер за земјоделство (1959–1964), министер за одбрана (1967–1974) и министер за надворешни работи (1977–1979).
3. Европа ги крши сопствените правила! Зошто Европа го брани својот фармер, а ние не?!
Во почетокот на 2025 година европските институции повторно се најдоа под притисок од сопствените земјоделци. Илјадници фармери од Франција, Италија, Полска, Грција и други земји излегоа на (авто)патиштата со јасна порака – не прифаќаме договор што го загрозува нашиот опстанок. ЕУ-Меркосур, договор што со години се претставува како триумф на „слободната трговија“, повторно беше доведен во прашање под притисок на фармерските протести и националните влади.
Ова не е идеолошки бунт против глобализацијата! Ова е инстинкт за опстанок!
Под притисок на фармерските протести и национални влади, беше доведен под прашање трговскиот договор меѓу Европската Унија и блокот Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај (EU–Mercosur Partnership Agreement). Тој предвидува постепено укинување или намалување на царините за околу 91–93 отсто од трговијата во период од 10 до 15 години. На хартија, тоа значи поголем пазар од над 700 милиони луѓе. Но суштината е во деталите: договорот воведува тарифни квоти што дозволуваат 99.000 тони говедско, 180.000 тони живина и 180.000 тони шеќер да влезат во ЕУ со значително пониски или нулти царини. Ова се продава како економски успех! Но во реалноста, добивката не е рамномерно распределена. Најголемиот профит од ваквата либерализација го очекуваат големите европски корпорации – автомобилската индустрија, хемискиот и фармацевтскиот сектор, индустриските извозници што ќе добијат полесен пристап до јужноамериканските пазари. Земјоделството, напротив, станува „жртвениот сектор“: цената на договорот ја плаќа европскиот фармер, изложен на увоз на месо, шеќер и жито произведени по пониски стандарди и пониски трошоци. Така, под истата парола за „слободен пазар“, корпорациите добиваат нови профити, а земјоделците добиваат нова конкуренција што ги турка кон загуби и исчезнување.
Европските фармери го препознаа тоа што ние, за жал, одамна го живееме: пазар без заштита не е слобода, туку пресуда! Во јануари 2025 година, под притисок на (авто)патиштата и стравот од аграрен колапс, Европскиот парламент беше принуден да го закочи договорот ЕУ-Меркосур и да го упати на „правна проверка“ пред Судот на правдата на Европската Унија. Процедура што може да трае со години! Тоа беше јасен сигнал дека „слободната трговија“ важи само додека не го загрози домашниот опстанок. Кога европскиот фармер е во опасност, договорите не се спроведуваат автоматски – тие се стопираат, се преиспитуваат и се условуваат. Тоа не е слабост на Европа. Тоа е нејзин инстинкт за самозаштита.
И токму тука паѓа митот за апсолутниот „слободен пазар“. Кога е загрозен францускиот или полскиот фармер, договорите се преиспитуваат, се бараат дополнителни клаузули, се активираат заштитни механизми. Европа располага со заедничка аграрна политика вредна стотици милијарди евра, со систем на субвенции и регулативи што ја штитат домашната продукција. Тоа не се смета за протекционизам, туку за стратешка политика.
Но кога е уништен македонскиот фармер – тоа е „реформа“!? Кога Европа интервенира – тоа е стратегија. Кога Македонија би интервенирала – тоа би било „нарушување на пазарот“. Разликата не е во принципите. Разликата е во моќта.
Фармерите во Стразбур не протестираа против Бразил или Аргентина како држави. Тие протестираа против систем во кој храната станува финансиски инструмент, а одлуката што ќе се произведува и каде ќе се продава сè повеќе ја носат глобални корпорации и трговски синџири, а сè помалку локалните заедници. Кога храната се претвора во берзанска категорија, земјоделецот станува најслабата алка.
Она што се случува во Европа не е европска аномалија. Тоа е признание дека аграрната политика не може да биде препуштена исклучиво на апстрактниот пазар. Европа влегува во либерализација со заштитна мрежа – со директни плаќања, кризни фондови и институционални механизми за интервенција кога цените паѓаат. Македонија влегува во либерализација без таква мрежа.
Ако Европската Унија, со својата финансиска и институционална моќ, внимателно преговара за секој тон говедско и секој килограм шеќер, што тогаш значи „слободен пазар“ за земја што нема споредливи инструменти? Ако таму тракторите можат да го забават текот на договор за кој се преговара со децении, зошто кај нас увоз од една милијарда евра годишно се прифаќа како неизбежна судбина?
Дали станува збор за пазар или за позиција во хиерархијата на моќта? Борбата на европските фармери е огледало во кое треба да се погледнеме. Тие не бараат милост. Тие бараат право на опстанок. Право што произлегува од едноставна вистина: храната не е обична стока. Таа е основа на економската стабилност, на социјалниот мир и на политичката независност. Храната не е само производ. Храната е суверенитет. И тоа го знаат и во Брисел – дури и кога не го изговараат гласно.
4. Агросуверенитетот како прашање на национална безбедност
Ова не е само економска тема. Ова е прашање на државност. Македонија не смее да биде земја што увезува храна додека има почва што раѓа и може да го рани регионот! А не, држава што ја продава својата иднина со туѓа храна! Народ што не може да се нахрани самиот не е суверен народ, туку зависна територија. Суверенитетот не се мери со декларации, симболи или европски поглавја, туку со способноста во момент на криза да обезбедиш леб, млеко, месо и жито за сопствените граѓани.
Историјата покажала едноставна вистина: во секоја сериозна криза – војна, пандемија, финансиски шок – прво се затвораат границите за храна. Тогаш не одлучуваат договорите, туку залихите.
Она што европските фармери го забавија на (авто)патиштата во Европа, Македонија го прифати на маса – тивко, административно и без право на жалба. Под истата идеолошка парола за „слободна трговија“, Македонија веќе две децении функционира како отворен аграрен пазар без одбрана, врзан за договори што не ја признаваат асиметријата, туку ја продлабочуваат.
Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, ЦЕФТА (Договор за слободна трговија во Централна Европа) и големиот број билатерални трговски режими формално нè интегрираат, но суштински нè разоружуваат. Во рамките на ЦЕФТА, Македонија е изложена на регионален увоз од земји со поголеми фарми, поагресивни субвенциски модели и поразвиени преработувачки капацитети. Истите тие држави, кога е потребно, воведуваат „привремени мерки“, административни бариери и санитарни процедури за заштита на сопственото производство. Кога Србија или Хрватска го прават тоа – тоа е прагматизам.
Кога Македонија би го направила истото – тоа би било „нарушување на пазарот“.
Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ (ДСА) меѓу Македонија и Европската Унија е потпишан во Луксембург на 9 април 2001 година. По ратификацијата од сите страни, тој стапи во сила на 1 април 2004 година. Тој оди уште подалеку. Тој ни наметнува обврска за постепено отворање на пазарот, но не и обврска Европа да нè третира како рамноправен аграрен субјект. Ние ги усвојуваме нивните стандарди, но не ги добиваме нивните буџети. Ги отвораме границите, но не добиваме нивна CAP-заштита, односно Заедничка земјоделска политика на Европската Унија. Ги прифаќаме правилата, но не и алатките.
Тоа не е интеграција. Тоа е еднострана капитулација.
Агросуверенитет не е идеолошки изум, туку политика што ја применуваат сериозни држави. Израел, земја со ограничена обработлива површина и сложена безбедносна средина, уште од своето основање го третира земјоделството како дел од националната стратегија. Не е случајно што во одредени периоди од историјата на израелската држава, личности од рангот на Моше Дајан – симбол на нивната безбедност и државност, ја извршувале функцијата министер за земјоделство. Ова е во согласност со стратегијата на таткото на обновен Израел, Давид Бен-Гурион (1886–1973), главен основач и прв премиер на државата Израел. Според него, израелската држава се потпирала на три столба – памет, одбрана и храна! Во таа држава, храната никогаш не била споредна тема. Таа била дел од одбранбената логика на системот. Таа била и борба за вода, земја и леб.
Во изградбата на израелската аграрна стратегија, земјоделството не е економска гранка, туку дел од државната безбедносна архитектура. Учествувале и странски експерти, меѓу кои и македонскиот научник Илија Оровчанец. Тој работел на создавање услови за примарно земјоделско производство преку решавање на проблемот на наводнување и одгледување житарки за пустински услови. Тоа не е анегдота, туку доказ дека сериозните држави ја третираат земјата како прашање на технологија, наука и безбедност – а не како остаток од минатото.
Во рамките на самата Европска Унија, Полска ги користи сите дозволени механизми за заштита на сопствениот агросектор – од директни плаќања и дополнителни национални програми до административни мерки кога пазарот е загрозен. Италија, еден од основачите на Унијата, со децении системски ги штити своите земјоделци и прехранбени производи преку силна поддршка и заштита на географските ознаки. „Made in Italy“ не е маркетинг-слоган, туку државна стратегија. Јапонија со децении го штити оризот како стратешки производ, применувајќи високи тарифни бариери и контролирани увозни режими, и покрај притисоците на глобалната трговија.
Ова не го прават изолирани држави. Ова го прават одговорни држави.
Затоа агросуверенитетот мора да биде прогласен за прашање на национална безбедност – не како слоган, туку како формална државна доктрина. Агросуверенитет не е политика на желби, туку политика на опстанок. Тоа е право на државата да го брани својот производител, да ги насочува субвенциите кон вистинското производство, да создава сопствени резерви и да ја контролира додадената вредност во сопствената економија. Тоа е способност да се спротивставиш на дампингот и да не дозволиш домашниот труд да биде жртвуван во име на апстрактна „слобода“.
Ова не е романтика. Ова е одбрана.
Македонија не смее да биде „микс“ на туѓо мени, ниту економски прилог во туѓи стратегии. Таа мора повторно да стане градина што се храни сама и држава што ја контролира сопствената храна. Зашто држава што не го контролира лебот, порано или подоцна ќе го изгуби и мирот.
А ако сакаме да останеме држава, мора да почнеме од најосновното и најтешкото: да се нахраниме сами.
Тони Менкиноски

































