За да леташ треба да имаш крилја и план за летање

  • Некој овде не сака да лета, а уште помалку да има план за летање, меѓутоа таков мора да има во секоја пилотска кабина. Бидејќи одамна помина времето на фразата „има ли пилот во авионот“, нам сега ни треба авион за да има пилот во него. Затоа дебатата дека народот немал леб да јаде (не видов дека некој од партијата што го пропагира тоа, па уште и јавно, умрел за леб) и луксуз ќе било да се купи нов владин авион е тешко политикантство и лош и евтин пиар. Па во светот, од поп-пејачи до фудбалери имаат свои авиони, а една држава да нема. Тоа за мене, простете, е срамно и неодговорно. Замислете претседателка, премиер и министри како се влечкаат по аеродроми и чекаат на редовни летови…
    Не оди, бре, тоа

Една меѓупартиска дебата за откривање топла вода ме поттикна да размислувам на темата за летање. Некогаш пишувавме и размислуваме на темата „Има ли пилот во авионот“ (особено кога им се истопоривме на Кинезите, па го признавме Тајван). Сега прашањето е повеќе за анализа на Ерика Јонг и „Стравот од летање“. Зошто страв? Човекот одамна лета, човекот од памтивек сакал да лета и што има тука погрешно? Апсолутно ништо. Но има една партија во нашата Македонија што виде проблем во летањето, па дури и јавно праша – народот нема пари за леб, а ние ќе летаме?! Одете си пешки, што друго да им се каже.
Нејсе. За летањето рековме ќе размислуваме, оти тоа е слобода, но и потреба. Ако си птица, мораш да леташ. Човекот летајќи сака да ги победи Земјините сили и да освои нови предели, нови слободи, нови хоризонти. Летот е и спој со керубините, со ангелите, со серафимите. Со оние летачи што го чуваат Ковчегот на заветот, оние керубини што ги чуваат тајната и договорот со Господ, но и најтајните формули што со векови не биле откриени. Атомот што се наоѓа како информација во Ковчегот е откриен што се вика вчера, исто како и ДНК-та или божјата честичка, па дури и квантната физика се наоѓа токму во тој ковчег (види книга „Ковчегот на заветот“ од Јован Манев, ја има во библиотеките, како и во Оксфордската библиотека).
Чинам дека некаде во Охридско беше откриена фигурина на Дедал, како доказ дека во антиката во Македонија се негувала легендата за првите летачи Дедал и Икар. Ако ја споменеме фреската Ангелот од Курбиново (насликан е Архангел Гаврил уште во 12 век), кој денес уште пленува со својата магија, но и знаење, информација што некој ја имал за да може да наслика и да претстави на ѕид нешто толку прецизно и величествено, фреска што со другите заедно се смета за нешто несекојдневно, ако не и нешто во кое се вмешале некои надземни сили. Реков размислуваме, имаме право на тоа. Имаме право да летаме. Притоа и да потсетиме дека кај нас имаше и „Лет во место“ (Горан Стефановски ќе рече „може да ги премачкате фреските, ама тие пак ќе се појават на површина“). Овој пат бегаме од тоа место, бараме некоја слобода. Таа слобода што ја барал и Константин Миладинов, кој сака да си метне орелски крилја. Каква симболика – замислете еден лет со такви моќни крилја, чиј распон достигнува речиси три метри. Тоа го посакувал Константин, за да види Кукуш, Струга да види за да се сретне со сонцето, за да побегне од мракот и мразот, од цариградската зандана. Оти тој Цариград (Стамбол) во негово време не е Константинопол што ќе го изгради славниот македонски император Константин. Многу војски прошле, многу крв и пепел паднале на бедемите на тој империјален град за да може да остане како синоним за светлина и христијански светилник од Истокот кон Западот. И човек просто да не верува дека двајцата Константиновци се сретнале онака случајно и дека македонскиот дух на Цариград не бил инспирација за поетот од Струга да напише таква моќна песна – „Т’га за југ“. Каков воспев!

И од ваков поетски набој, една егзалтираност на духот, мораме да ретерираме, да слетаме. Дневната политика вели дека нема време за летање. Затоа ќе анализираме приземјени. Да се замислиме како сме некој слетан и во хангар оставен „лир џет“ или „кинг ер“, и тоа владин, што значи на државата Македонија, платен од буџетски пари собрани од граѓаните. Што има лошо во тоа една држава да има барем еден свој авион? Апсолутно ништо! Проблем е ако нема. Проблем е ако нема своја национална авиокомпанија, а некогаш имаше. „Пал ер“, со обележје македонско – лав. Сега немаме ни свој патнички авион ни авиокомпанија, ама си велам можеби еден ден пак ќе имаме. Надеж. А се наоѓа, како на пример за време на ковид-кризата кога молевме и кукавме други да ни ги враќаат нашинците заглавени по светот.
Значи се приземјивме, слетавме во време кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ аргументираат на јавна сцена дали треба владата да купи нов авион или не. Власта сака, опозициските социјалдемократи не, па и критикуваат демек не сме имале леб да јадеме, па ќе се луксузираме. Истите тие социјалдемократи што нѐ оставија без крила кога е во прашање армијата. Останавме без „вингот“. Останавме и без тенковите, ама попотребни им биле на Украинците. Неповратно уништени, а ние сега ги немаме. И тоа е дел од некоја стратегија, некое визионерство. Кога ќе се сведе јавната дебата дека народот нема леб, а власта ќе се луксузира со купување авион, тоа е сигнал дека сме зацапале на опасен политикантски терен.
Една држава треба и мора да има свој авион. Тоа е практично, не се чека на ред беспотребно по аеродроми или, пак, да се оди на купување карти со тендери. Не. Се најавува лет, се добива коридор, се прави список и се лета. Се сеќавам дека еднаш нашиот покоен претседател Борис Трајковски, кој настрада со својот тим во авионска несреќа, за состанокот на Јадранското јато во Тирана од Скопје го зеде својот хрватски колега Стипе Месиќ. Што викаме – му учини. Тоа е и еден вид дипломатија. Познат по таа авиохеликоптерска дипломатија беше поранешниот германски министер за надворешни работи, Клаус Кинкел.

Затоа, сега и овде, во 21 век прашањето не треба да биде дали да купиме нов авион, тука зошто уште го немаме. Првин од безбедносни причини треба да го имаме, зашто не може претседател на држава и врховен командант да лета во авион што крцка и што ти се тресат коски дали безбедно ќе слета. Треба да го имаме и заради итни случаи, на пример како што беше со Кочани кога имаше случаи што мораше итно да се префрлат на лекување во странство. Авионот не е луксуз, ако се знае дека со „лир џети“ или „кингери“ летаат бизнисмени, фудбалери, тенисери, кошаркари, поп-ѕвезди, актери. Во мојата 40-годишна новинарска кариера се изнагледав ситуации каде што наши министри се влечкаа со куферите по белосветските аеродроми возејќи се во економска класа, стуткани, изморени, а треба да ги бранат интересите на државата. Мислев помина тоа време, но некој упорно сака да го врати времето. Мора ли?
Како даночен обврзник и претставник на јавноста слободно можам да упатам повик – купете нов авион. Тој е на државата. Баталете политикантство и лажна грижа за гладниот народ. Не сме до толку сиромашни за да ги жртвуваме и угледот и безбедноста на нашите политички лидери. А ако има сомнежи и обвинувања за злоупотреби, дека се летал за приватни цели, секако треба да има истрага и да има одговорност. Но авион, и тоа добар, ни треба и не гледам никаква причина за премиерот Христијан Мицкоски да се повлекува од набавката на толку потребно летало. Ние повозрасните се сеќаваме на мачните дебати за тоа дали на претседателот Киро Глигоров му е потребно блиндирано возило или не, некои потоа и ги судеа, затоа наместо јалова дебата, акција. Алфа, браво, зулу, чарли, нека полета.

Христо Ивановски