Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) соопшти дека ја поддржува Асоцијацијата Макам-транс и македонскиот транспортен сектор во насока на наоѓање решение за престојот на превозниците во шенген зоната.

– ССКМ во која членуваат голем број на мали и средни компании директно поврзани со ланецот на транспорт и стоки кој се одвива во земјата и надвор од неа сериозно е загрижен за можните нарушувања кои ќе доведат до неконкурентна положба на македонскиот бизнис сектор – соопшти ССКМ.

Комората наведува дека стравува оти со продлабочување и пролонгирање на создадените проблеми  во транспортниот сектор, во делот на камионскиот транспорт и зависноста на македонските компании и странски инвестиции од 96 проценти, се создава можност за дополнителни фискални инпликации и намалување на нивната конкурентност на европскиот пазар на среден и долг рок.

Стопанската комора на Македонија најави дека  бизнис секторот ќе ја продолжи битката за транспортните компании за трајно решение за престојот на превозниците во шенген-зоната.

– Ако некој го ограничува движењето на луѓето и на стоките, тогаш го прави најголемото злосторство што може да постои, да те затвори самиот во себе, каде што не можеш да просперираш и да видиш, да се споредеш со другите – изјави вчера претседателот Бранко Азески истакнувајќи дека треба да се отворат сите порти и оти редиците камиони на граничните премини ги има само на Балканот, и тоа во должина по три-четири километри.

Од Асоцијацијата „Макам-транс“ велат дека активно учествуваат во процесот на изнаоѓање решение за проблемите со кои се соочуваат превозниците при престојот во шенген-зоната во преодниот период до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација на Европската Унија. Посочуваат дека веќе има позитивни одговори од некои од институциите и коморите по чекорите што ги презедоа за поголемо лобирање за наоѓање решение и апелираат на што поголем заеднички ангажман од сите во оваа насока.

Целта е да се обезбеди непречено вршење на дејноста превоз во патниот сообраќај, со целосно почитување на меѓународните и европските правни стандарди и без дискриминација на професионалните возачи од нашата држава.

Според Министерството за транспорт, дијалогот со Европската комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската комисија. –  Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение, кое е прифатливо за сите страни. Како Министерство, апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации, кои може да му наштетат на дијалогот, особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение – соопшти Министерството за транспорт.

По состанокот од минатата недела (11 февруари) на работната група на претставниците од шесте држави од Западен Балкан со тие од шенген-зоната, нов состанок според најавите треба да се одржи на 23 февруари.