Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Шест англиски тима учествуваат сезонава во Лигата на шампионите, рекорд за една земја, по лигашката фаза, пет се директно во осминафиналето, а еден ќе игра во плејофот

Врвните англиски фудбалски клубови профитираат уште повеќе сезонава од наградните средства во Лигата на шампионите (ЛШ), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Шест англиски тима учествуваат во ова издание на Лигата на шампионите, рекорд за една земја, по лигашката фаза од натпреварите, пет одат директно во осминафиналето (Арсенал, Ливерпул, Тотенхем, Челси и Манчестер сити), пласирани меѓу првите осум меѓу 36 екипи, а Њукасл, ќе игра во плејофот.
Тие шест англиски клуба можат да заработат најмалку вкупно 500 милиони евра од наградниот фонд на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува АП. Петте директни квалификанти во осминафиналето добиваат дополнителни два милиони евра.
– Секој од нив лесно би можел да заработи 100 милиони евра, а оние што ќе стигнат до полуфиналето и до финалето и повеќе – изјави за АП Киран Магваер, академик за фудбалски финансии и ководител на поткастот „Цената на фудбалот“.
Тоа би испратило во Англија повеќе од едно евро на секои пет од вкупниот награден фонд на УЕФА од близу 2,5 милијарди евра, кои европското фудбалско тело ќе ги подели меѓу 36-те клуба од Лигата на шампионите сезонава, пишува АП. Проширувањето на Лигата на шампионите минатата сезона со уште четири тима во новиот формат создаде нова можност што Англија може да ја искористи. Две од четирите дополнителни места им се доделуваат на двете земји што имаат најдобар колективен резултат во текот на претходната сезона на куповите на УЕФА. Освојувањето на трофеите минатата година од Тотенхем во Лига Европа и од Челси во Конференциската лига, плус сите четири англиски тима што стигнаа до нокаут-фазата на Лигата на шампионите, лесно обезбедија дополнително место. Шпанија го доби другото. Англија води на таа ранг-листа на УЕФА за сезонава. Н.М.