фото: Пекселс

– Припадници на американската армија синоќа упаднаа на санкциониран танкер во Индискиот Океан откако го следел од Карипското Море во обид да се справи со нелегалната нафта поврзана со Венецуела – соопшти денеска Пентагон.

-Бродот се обиде да го прекрши карантинот на претседателот (Доналд) Трамп со надеж дека ќе избега. Го следевме од Карипско Море до Индиски Океан, го намаливме растојанието и го запревме – се наведува во соопштението на Пентагон.

Танкерот „Вероника III“ е под американски санкции, а пловел под панамско знаме. Бродот од 2023 година е поврзан со руска, иранска и венецуелска нафта.

Бродот испловил од Венецуела на 3 јануари, истиот ден кога беше заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро, со речиси два милиона барели сурова нафта и гориво.

Не е познато дали танкерот е формално запленет и ставен под контрола на САД. Администрацијата на Трамп заплени повеќе танкери како дел од поширокиот напор за преземање на контролата врз венецуелската нафта.