Фото: „Нова Македонија“

Денес се одбележува празникот на виното и лозарите

  • Македонските празнични обичаи се особено живописни и богати. Лозарите одат во лозјата со црвено вино, погача и свеќа, каде што ја режат првата лоза со молитва и благослов. Лозата се прска со вино, а првата отсечена гранка се носи дома како симбол на плодност и благосостојба. Овие обичаи го одразуваат длабокото почитување кон земјата и нејзините дарови, како и верувањето дека трудот и молитвата заедно носат изобилство

Од памтивек до ден-денес низ цела Македонија и пошироко се празнува празникот посветен на христијанскиот светец Трифун. Свети Трифун е еден од најпочитуваните светци во македонската традиција, чиј празник на 14 февруари е длабоко вткаен во културното и духовното наследство на македонскиот народ. Оваа празнична традиција носи богато значење, кое ги обединува религиозните верувања, земјоделските обичаи и народната мудрост. Светецот е познат како заштитник на лозјата, лозарите и винарите, а неговиот ден го означува почетокот на пролетните земјоделски работи. Според народната традиција, токму на неговиот празник лозарите ја вршат првата резидба на лозјето, обред што го симболизира будењето на природата од зимскиот сон. Овој ритуал не е само практична земјоделска активност туку и длабоко духовен чин со кој се повикува благословот за родна година.
Македонските обичаи се особено живописни и богати. Лозарите одат во лозјата со црвено вино, погача и свеќа, каде што ја режат првата лоза со молитва и благослов. Лозата се прска со вино, а првата отсечена гранка се носи дома како симбол на плодност и благосостојба. Овие обичаи го одразуваат длабокото почитување кон земјата и нејзините дарови, како и верувањето дека трудот и молитвата заедно носат изобилство.
Во житието на овој светец не се среќава никакво споменување на лоза, грозд, вино. Сепак, приказната за неговиот живот можеби може да им послужи на луѓето што пронаоѓаат наравоученија во тие записи од минатото. И покрај тоа, нашиот народ од памтивек на овој празник го прави првото ритуално закројување на лозата, кога се прави и леб, баница или погача, која се јаде на лозјето додека се пие вино за бериќет. Во различните краишта во кои живеат Македонците адетите малку се разликуваат, но основата е иста – вовед во првите активности на лозјето во пресрет на пролетта што надоаѓа. Слични се адетите и кај соседните народи. Заедно со Прочка, овој празник ги поврзува зимските со пролетните празници. Од тука започнува повикувањето на убавата енергија на пролетта, насекаде се празнува со голема радост, а на ручек на лозјето се повикуваат и случајните минувачи. Не за џабе старите велеа – „на Трипун се трупа!“. Традициите се живи и во сите земји наоколу, во црковната литература од 10 до 13 век се наоѓаат мноштво текстови и молитви на Свети Трифун за благослов на земјата и лозата, а најчесто тој е претставен со крст во десната и срп во левата рака, а подоцна и со ковчеже во кое има иљачи – како тоа на бесребрениците, или пак лозова гранка.
Празникот има и силна заедничка димензија. На Трифундан се организираат прослави во лозарските населби, каде што луѓето се собираат за да го чествуваат светецот, да пијат вино и да се веселат. Овие собири ги зајакнуваат врските меѓу членовите на заедницата и ја пренесуваат традицијата на помладите генерации.
Свети Трифун за Македонците претставува и симбол на надежта и обновата. Неговиот празник доаѓа во период кога зимата сè уште трае, но природата веќе ги дава првите знаци на будење. Ова го прави Трифундан празник на оптимизмот, на верата во цикличноста на животот и во сигурноста дека по секоја зима доаѓа пролет.
Од овој ден па натаму започнува редовното кроење на лозјата, како почеток на работите во пресрет на пролетта. Тоа многу како потсетува на периодот во кој започнуваат подготовките за древниот македонски празник Ксантика. За арно и убаво, за среќна и бериќетна Македонија!

Извадок од „Имагинариум – книга втора“

м-р Никола Ристевски