Рецензија
- Филмот се претставува како политички трилер сместен во Бразил за време на воената диктатура во 1977 година. Сепак, таа историска и политичка рамка останува повеќе маркетиншка декларација отколку суштински дел од нарацијата. Во самиот филм нема јасна артикулација на репресијата на режимот, ниту пак војската има вистинска улога во заплетот. Главниот лик, кого го толкува Вагнер Моура, не е ниту универзитетски професор, ниту жртва на политички прогон, како што често се наведува во официјалните описи, туку инженер вмешан во конфликт со корумпиран претпоставен – конфликт што на крајот има повеќе криминална отколку политичка природа
Постојат филмови што уште пред да стигнат до публиката се крунисани како значајни, подигнати на пиедестал од фестивалската критика, опкружени со награди и големи зборови. „Тајниот агент“ („O Agente Secreto“, 2025) на Клебер Мендонса Фиљо е токму таков случај: амбициозен, визуелно впечатлив, но во крајна линија – разочарувачки.
Филмот се претставува како политички трилер сместен во Бразил за време на воената диктатура во 1977 година. Сепак, таа историска и политичка рамка останува повеќе маркетиншка декларација отколку суштински дел од нарацијата. Во самиот филм нема јасна артикулација на репресијата на режимот, ниту пак војската има вистинска улога во заплетот. Главниот лик, кого го толкува Вагнер Моура, не е ниту универзитетски професор, ниту жртва на политички прогон, како што често се наведува во официјалните описи, туку инженер вмешан во конфликт со корумпиран претпоставен – конфликт што на крајот има повеќе криминална отколку политичка природа.
Токму тука почнуваат проблемите. Сценариото отвора голем број тематски и наративни линии – диктатура, корупција, бегство, идентитет, па дури и историски трауми – но ретко која од нив е доследно разработена. Многу сцени изгледаат недоволно реализирани. Визуелно се интересни, но драматуршки неповрзани со целината. Чувството дека филмот се губи станува сè поизразено како што поминуваат минутите, а со времетраење од речиси 160 минути, тоа губење на фокусот станува тешко занемарливо.
Сценариото страда од сериозен недостиг од наративна дисциплина. Многу сцени функционираат како алегории, но на сметка на логиката и веродостојноста. Илустративен пример е сцената на бензинската пумпа, каде што покрај патот лежи мртво тело што никој не го забележува – дури ни полицајците што пристигнуваат на местото. Наместо да создаде чувство на страв или репресија, сцената изгледа неприродно и ја нарушува внатрешната логика на филмот, оставајќи впечаток на симболика наметната по секоја цена.
Оваа тенденција кон празно инсистирање се повторува и на други места: повторувачки кадри без ново значење, сцени што го прекинуваат текот на приказната и ликови што се појавуваат без јасна функција. Така, појавата на две млади жени што слушаат касети од 1977 година е вметната без никакво објаснување, а нивната улога станува разјаснета дури на самиот крај. Наместо продуктивна мистерија, ваквиот пристап создава конфузија и дистанца.

Актерската игра, без сомнение, е најсилната страна на филмот. Моура уверливо ја носи улогата на човек во егзил, а и споредните ликови се внимателно изградени, со јасен квалитет. Токму тие ликови, заедно со богатата фотографија и атмосферата на 1970-тите, повремено создаваат впечаток на надреалистичка, речиси магично-реалистична приказна, која потсетува на духот на јужноамериканската литература. Но таа потенцијална поетика никогаш не е доволно силно артикулирана за да стане вистинска драматуршка предност.
Особено неубедливо изгледа појавата на Удо Кир, во кратка и наративно незначајна улога што не придонесува ништо кон основната приказна. Наместо омаж на големиот актер, сцената остава впечаток на случаен украс.
Кулминацијата и крајот на филмот се, веројатно, неговиот најслаб дел. По повеќе од два и пол часа внимателно градење атмосфера и мистерија, финалето доаѓа нагло и недообмислено, оставајќи чувство на празнина и недовршеност. Наместо катарза или смислено затворање на темите, гледачот добива впечаток дека приказната е прекината, а не завршена.
Најконтроверзниот дел од филмот доаѓа во последната третина, кога приказната ненадејно се претвора во гротескна мешавина од хорор и фарса. Секвенцата со отсечената нога, придружена со наметлива музика и сцени што флертуваат со апсурд и евтин шок, целосно го руши тонскиот континуитет. Наместо кулминација, добиваме наративен хаос што никогаш не добива јасно објаснување, ниту симболичка тежина што би ја оправдала својата ексцентричност.
И покрај сето тоа, „Тајниот агент“ не е целосно неуспешен филм. Тој има силни визуелни моменти, солидна режија и актерска енергија што го прави гледлив, па дури и интересен во одредени делови. Но неговата недоследност, предолгото траење и нелинеарната нарација го спречуваат да го оствари потенцијалот што очигледно го поседува. Ова е филм што бара многу трпение и концентрација од гледачот, а за возврат нуди малку јасност и уште помалку катарза. Вреден за гледање – но исклучиво со свесност дека зад големите очекувања се крие мошне нерамномерно остварување.
Во крајна линија, станува збор за филм со многу добри идеи и сериозна авторска намера, кој се заглавува во сопствената амбиција. „Тајниот агент“ е вреден за гледање, но со претпазливи очекувања. Гледањето на овој филм, сепак, е на сопствен ризик.






























