Грција: Истражување за социјално-економската положба на граѓаните
Дури шест од десет домаќинства во земјата изјавуваат дека нивните месечни приходи не им се доволни да ги покријат трошоците за целиот месец, открива поширокото истражување на Институтот за мали претпријатија при Општата конфедерација на професионалци, занаетчии и трговци на Грција. Во просек, приходите траат 23 дена, но кај најранливите категории тие се исцрпуваат за само 18 дена — најлош резултат досега забележан во историјата на ова истражување. За споредба, во 2024 година 60 проценти од домаќинствата се соочувале со ваков проблем, а приходите им траеле во просек 19 дена.
Иако инфлацијата покажува знаци на забавување, а платите бележат умерен раст во 2025 година, истражувањето укажува дека отпорноста на домаќинствата е значително еродирана. Ова се рефлектира и во падот на довербата на потрошувачите, која во јануари изнесувала -50,3 поени, во споредба со -47 поени во декември. Граѓаните пријавуваат сè полоши очекувања и за сопствената финансиска состојба и за националната економија, додека намерите за поголеми купувања дополнително се намалуваат.
За да ги задоволат основните потреби, голем дел домаќинства се принудени на значителни кратења. Речиси 40 проценти ги ограничуваат излегувањата, над 35 проценти купуваат помалку облека и обувки, а 34,6 проценти скратуваат од деновите за одмор.
Загрижувачки е што кратењата сè почесто зафаќаат и витални области. Над 10 проценти од испитаниците пријавиле намалување на трошоците за здравствена заштита, осигурување и одржување автомобил, додека 8,5 проценти штедат на образованието.
Податоците од крајот на минатата година покажуваат дека Грција и понатаму се наоѓа меѓу земјите со најниски плати во Европската Унија, со просечна годишна плата од околу 18.000 евра. На месечно ниво секој трет работник заработува помалку од 1.000 евра.
Финансискиот притисок продолжува да го поттикнува и феноменот на емиграција. Анкетата открива дека 10,9 проценти од домаќинствата имаат најмалку еден член што ја напуштил земјата поради работа во последните пет години, што укажува на трајни структурни проблеми во грчката економија и пазарот на трудот. Р.С.
































