ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ЖДРЕПКА
- Црвено-жолтите ќе дебитираат во лигата Б, а можни противници се Шкотска, Унгарија, Полска, Израел, Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина, Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија
Македонската фудбалска репрезентација вечерва со ждрепка (од 18 часот) ќе ги дознае ривалите за новата сезона на Лигата на нациите. Се очекува Лигата на нациите за сезоната 202620/27 да биде поврзана со квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2028 година, а врз основа на резултатите од Лигата на нациите на некои репрезентации ќе им се даде втора шанса да влезат во плејофот за настап на ЕП, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Македонија ќе дебитира во лигата Б, по триумфот во својата група во лигата Ц, во минатото издание на тоа натпреварување. Пред ждрепката црвено-жолтите се во четвртиот барабан, заедно со Шведска, Северна Ирска и со Косово. Можни ривали на Македонија во лигата Б се Шкотска, Унгарија, Полска и Израел од првиот барабан, Швајцарија, БиХ, Австрија и Украина од вториот и Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија од третиот барабан.
Натпреварите од групната фаза на програмата се наесен. Победниците на групите ќе се пласираат во лигата А, второпласираните ќе играат во плејофот за пласман во лигата А, третопласираните ќе настапат во плејофот за опстанок во лигата Б, а четвртопласираните ќе испаднат во лигата Ц. Ова ќе биде петта сезона на Лигата на нациите. Во првата сезона Македонија играше во лигата Д, во која го освои првото место во својата група, а потоа преку плејофот се пласира на ЕП што се играше во 2021 година. Во следните три сезони македонската репрезентација играше во лигата Ц, а по победата во својата група во минатото издание на Лигата на нациите обезбеди пласман во лигата Б, но и настап во мартовскиот бараж за пласман на Светското првенство (СП) годинава (во полуфиналето ќе гостува кај Данска, а победникот во финалето ќе се сретне на гости со победникот на дуелот Чешка – Република Ирска).
Секоја сезона на Лигата на нациите досега беше поврзувана со пласман на големо натпреварување, па, така, сезоните 2018/2019 и 2022/2023 носеа можност за пласман на ЕП 2020 (преку плејофот на ЕП се пласираа Македонија, Унгарија, Словачка и Шкотска), односно на ЕП 2024 (Полска, Украина и Грузија), а сезоните 2020/2021 и 2024/2025 за настап на СП 2022 (Велс, Полска и Португалија), односно СП 2026. Н.М.
БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА НА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
ЛИГА А
1: Португалија, Шпанија, Франција, Германија
2: Италија, Холандија, Данска, Хрватска
3: Србија, Белгија, Англија, Норвешка
4: Велс, Чешка, Грција, Турција
ЛИГА Б
1: Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
2: Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина
3: Словенија, Грузија, Република Ирска, Романија
4: Шведска, Македонија, Северна Ирска, Косово
ЛИГА Ц
1: Исланд, Албанија, Црна Гора, Казахстан
2: Финска, Словачка, Бугарија, Ерменија
3: Белорусија, Фарски Острови, Кипар, Естонија
4: Летонија или Гибралтар, Луксембург/Малта, Молдавија, Сан Марино
ЛИГА Д
1: Азербејџан, Литванија, Гибралтар/Летонија, Малта/Луксембург
2: Лихтенштајн, Андора
































