Фото: ЕПА

ЗОИ 2026

  • Тој е тренер и кореограф на 16 натпреварувачи во уметничко лизгање на Зимските олимписки игри во Италија

Љубителите на уметничко лизгање можеби помислија дека гледаат двојно во вторник вечерта, кога францускиот тренер Беноа Ришо беше фотографиран како носи јакни од Франција и од Грузија за последователни спортисти. Ришо (38) е тренер и кореограф и вели дека работи со 16 лизгачи на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Италија, а тие лизгачи претставуваат вкупно 13 земји, пишува „Би-би-си“.
Седум од тие спортисти беа во кратката машка програма во вторникот вечерта, но официјалната страница за распоред на ЗОИ го наведе само како тренер за четири спортисти. Тренирањето спортисти од различни земји во истиот настан доведе до тоа Ришо да биде снимен како носи различни тимски јакни. Од четворицата за кои беше наведен како дел од тренерската постава, Макс Наумов од САД беше втор на распоредот, Стивен Гоголев од Канада седми, а Французинот Адам Сјао Хим Фа и Грузиецот Ника Егадзе беа еден по друг како изведувачи, 25. и 26-ти, па Ришо ќе требаше брзо да се пресоблече.
Натпреварувачите имаа мешана среќа, но Сјао Хим Фа е трет и е во конкуренција за медал пред слободното лизгање утре. Редовните гледачи во уметничко лизгање можеби се навикнуваат да го гледаат Ришо, оти Французинот често се појавуваше и за време на екипниот настан неделава. Тој беше фотографиран во публиката облечен во јакна од грузиската репрезентација во поддршка на Егадзе, а помалку од 15 минути подоцна Ришо повторно беше забележан, овој пат облечен во јакна од канадскиот тим за поддршка на Гоголев.

– Тоа е организација. Треба да биде брзо. Всушност е многу напорно емоционално. Да замислиме дека сѐ е во ред и супер и сите лизгаат добро, многу е лесно. Ако едниот лизга лошо, другиот лизга добро, имате врв на емоции, кои е многу тешко да се изразат, бидејќи кога сте со вашиот лизгач, целосно сте со него. Фала му на бога што не настапуваат еден по друг…, тогаш е многу, многу тешко. Луѓето се смеат затоа што секогаш носам црно, а сега сите се прашуваат како е можно да го гледаме Беноа во различни бои – рече Ришо за „Би-би-си“.
Постои многу логистика вклучена во префрлањето помеѓу тренирањето и поддршката на спортистите од различни нации во низа, вклучително и промената на јакна.
– Обично ставам сѐ во соблекувалната на лизгачот. Нормално, не ми е дозволено, но ми дозволуваат да ставам некои работи таму. Тие се многу пријателски расположени. Ако не, секогаш имаме лидер на тимот или менаџер на национален тим што ги чува јакните и ми ги дава – рече Ришо, пренесе „Би-би-си“. Г.И.