Фото: Твитер

Европската комисија денеска ја поздрави одлуката на Европскиот парламент да го поддржи предлогот за воведување на паневропски список на таканаречени „безбедни“ земји чии државјани нема да имаат право на меѓународна заштита во ЕУ.

Новите правила дополнително ќе го зајакнат европскиот систем за азил и ќе го направат процесирањето на барањата побрзо и поефикасно, се вели во соопштението на Комисијата. Таа забележа дека земјите од ЕУ на тој начин ќе ги сметаат барањата за заштита за неприфатливи кога нивните баратели би можеле да добијат азил и во друга земја што е безбедна за нив. Според новите правила, врската помеѓу барателот и „безбедната“ земја повеќе нема да биде потребна за да се примени концептот.

Според правото на ЕУ, странските земји можат да бидат означени како безбедни кога нивните национални системи можат да обработуваат барања и да обезбедат ефикасна заштита, вклучително и од враќање, закани по живот или нечовечки или понижувачки третман, се додава во соопштението. Земјите од ЕУ ќе можат да изберат да ги применат промените кога барателот на азил има врска со „безбедна“ странска земја или кога тој или таа транзитирал низ „безбедна“ земја за да стигне до ЕУ.

Законодавните измени ќе стапат во сила по конечното одобрување од страна на Советот на ЕУ и 20 дена по нивното објавување во Службениот весник на ЕУ. Листата на „безбедни“ земји на потекло ги вклучува земјите што треба да се приклучат кон ЕУ, како и Косово, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко и Тунис.