Работниците, предводени од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), започнаа протест пред Собранието, при што беа блокирани двата приода до Законодавниот дом. Поради блокадите, пратениците беа принудени до зградата да пристапат пеш.
Како што беше претходно најавено, за сообраќај беа затворени улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“ во непосредна близина на Собранието, а во централното градско подрачје беше воведен посебен режим на сообраќај.
Од ССМ информираат дека со протестот бараат зголемување на платите и корекција на минималната плата, при што предупредуваат дека, доколку нивните барања не бидат прифатени, ќе продолжат со блокади. Први на листата за блокирање се пратениците, за кои од синдикатот оценуваат дека не покажуваат доволно разбирање за состојбата на работниците.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатот ќе ги искористи сите законски механизми за остварување на своите барања.
-Ако не дојде до зголемување на платите, ќе собереме 10.000 потписи и ќе станеме овластен предлагач, по што работниците ќе предложат намалување на пратеничките и функционерските плати. Истите тие што тврдеа дека иницијативата на ССМ е неуставна, затоа што би довела до нивно сведување на минимална плата, откако согледаа колку е тешко да се живее со минималец, сметаат дека е неуставно да им се намалат нивните високи примања – изјави Трендафилов.
Од ССМ најавуваат дека протестните активности ќе продолжат и во наредниот период. За 12 февруари е најавена блокада на работодавачите – Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Организацијата на работодавачи, додека на 17 февруари е планирана блокада на Владата.


































