КАРАТЕ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МЛАДИНЦИ
- На Европското првенство, Матеј влезе подготвен и со голема желба за висок резултат, сигурен во себе забележа шест победи, а во финалето славеше над фаворизираниот Грк, вели селекторот Петар Белистојаноски
Блесок на македонскиот репрезентативец и член на КК Олимпик од Скопје, Матеј Белистојаноски (категорија до 67 кг), кој на Европското првенство (ЕП) за младинци, викендов во Лимасол (Кипар), во возрасната категорија до 21 година во голем стил ги освои првото место и златниот медал.
– Младинската репрезентација (до 21 година) имаше солиден и коректен настап на ова ЕП. Матеј, по бронзата на ЕП за јуниори во Тампере, Финска, пред три години, имаше две тешки повреди и две операции, но со голема желба и труд се врати уште посилен. Овој резултат го најави уште во Грузија во Серијата А, каде што со седум победи го освои првото место и влезе во првите 32 на светската ранг-листа со право на настап на престижната Премиер-лига. На ЕП, Матеј влезе подготвен и со голема желба за висок резултат, сигурен во себе забележа шест победи, а во финалето славеше над фаворизираниот Грк. Дисциплинирано и со тактичка зрелост стигна до овој голем резултат. Од другите, најблиску до медал беше Ердона Зибери (над 68 кг), која загуби во борбата за трето место и го освои петтото место, Љупчо Михајлов (до 75 кг), исто така, во репасажот загуби буквално со звукот на сирената и е седми, како и Ера Коџа (до 68 кг), Мила Панчева (до 55 кг), Михаела Мишовска (до 50 кг) – ни изјави селекторот Петар Белистојаноски.
Белистојаноски стигна највисоко на подиумот победувајќи шестмина каратисти на татамите: Микита Бахамолец од ВКФ (9-1), Ригерс Рами (5-1) од Албанија, Џое Галагер (4-1) од Шкотска, Емин Ежа (5-4) од Белгија, Назари Прањчук (5-4) од Украина и во финалето Георгиос Балиотис (2-0) од Грција.
– Со златниот медал, членот на КК Олимпик од Скопје, младиот Матеј Белистојаноски, само најавува дека 2026 година ќе биде негова година. Тој веруваше во себе дека ќе има медал, на крајот и златен, по што цела Европа стоеше мирно на интонирањето на македонската химна во спортската сала. Не застануваме тука, продолжуваме понатаму со тренинзи за уште повисоки дострели, а зошто не и светско злато на СП во Франкфурт, Германија, годинава. Благодарност и до селекторот Петар Белистојаноски – рече неговиот клупски тренер, Александар Кузмановски.
Еден ден претходно, Македонија го освои првиот медал на ЕП 2026, а за тоа се погрижи младиот и талентиран член на КК Металург, Немања Младеновиќ (над 70 кг), кој го освои сребрениот медал, што, исто така, е огромен успех. На ЕП 2026 во карате за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година), во конкуренција на 1.276 натпреварувачи од 47 држави, настапија 36 учесници од Македонија. Г.И.
































