Фото: КФМ

КАРАТЕ – ЕП 2026 ЗА МЛАДИНЦИ

  • Младеновиќ до сребрениот медал дојде откако оствари четири победи и еден пораз

Голем успех на македонското карате. Младиот и талентиран кадет, член на КК Металург, Немања Младеновиќ (категорија над 70 кг) постигна огромен успех освојувајќи го сребрениот медал во борби на Европското првенство (ЕП) во карате за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година), кое вчера заврши во Лимасол (Кипар). Вчера попладне втора можност македонски каратист да освои злато имаше талентираниот каратист на КК Олимпик од Скопје, Матеј Белистојаноски (до 67 кг, во финалето за ривал го имаше Гркот Георгиос Балиотис) во возрасната категорија помлади сениори, во борби, каде што селектор е Петар Белистојаноски.
Младеновиќ, предводен од селекторот Дејан Ристески, до сребрениот медал дојде откако на татамите во првото коло го победи Ирецот Марсел Гора со 4-0, во второто со истиот резултат славеше на дуелот со Чехот Лукас Виташек, во третото Гркот Панагиотис Лазаридис со 2-1 и во четвртото Словакот Рихард Митрик со 3-1, а во борбата за златото загуби од Грузиецот Омар Ѓоргичијани, со 2-4.
Од македонската карате-репрезентација, која имаше вкупно 36 натпреварувачи на годинашното младинско Европско првенство, во дисциплините кати и борби во машка и во женска конкуренција, блиску до медал беше и кадетот во борби Марко Џорлев (КК Штип, до 63 кг), кој по трите победи во дуелот за бронзениот медал минимално загуби со 1-2 од Словакот Давид Ковал и го освои петтото место, а петта беше и Ердона Зибери (КК Фати, над 68 кг). На ЕП 2026 настапија вкупно 1.276 натпреварувачи од 47 држави.
На минатото Европско првенство во карате за младинци, во Бјелско-Бјала (Полска), Македонија освои еден медал. Тогаш бронза освои кадетката Душица Бреслиева (до 54 кг), членка на КК Штип, а Mакедонија на тој континентален шампионат настапи со вкупно 35 учесници. Г.И.


Македонски судии со нови европски лиценци од ВКФ

По успешно положените испити на последниот судиски семинар на Светската карате-федерација (ВКФ), тројца македонски врвни судии се стекнаа со нови европски лиценци за судење во ката и во кумите, според најновите правила на Светската карате-федерација. Тоа се Никола Атанасовски, Б-судија (ката и борби), Климентина Војдиновска, А-судија (борби), и Емир Ќосовиќ, Б-судија (борби). Овие лиценци се највисоко признание за нивниот долгогодишен труд, посветеност и висок професионализам во судиската дејност.
– Особено сме горди што токму пред Европското првенство за младинци во Лимасол нашите судии имаат можност да го претставуваат македонското карате на највисоко ниво и на судиската сцена. Честитки до Никола, Климентина и до Емир за овој извонреден успех. Вие сте вистински амбасадори на македонското карате и инспирација за идните генерации судии – велат од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ). Г.И.