ФУДБАЛ – ФИФА
- Во јануари имаше повеќе од 5.900 трансфери и над 1,9 милијарда долари вложени од клубовите во машкиот професионален фудбал, што е највисока бројка досега за кој било јануарски преоден рок, а нов рекорд има и во женскиот фудбал, повеќе од 10 милиони долари за трансферни такси, што е зголемување од повеќе од 85 отсто, пишува ФИФА
Во најновиот зимски преоден рок е забележан рекорден број трансфери во машкиот професионален фудбал, иако со намалување на трошоците во споредба со јануари 2025 година, а во женскиот професионален фудбал имаше рекордни вложувања, но мал пад на вкупниот број трансфери, во споредба со зимскиот преоден рок од пред 12 месеци, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Според јануарскиот преглед на трансфери на ФИФА за 2026 година, во јануари годинава имало повеќе од 5.900 меѓународни трансфери во машкиот професионален фудбал, што е највисока бројка досега за кој било јануарски преоден рок и нешто повеќе од три отсто повисока од претходниот рекорд поставен пред 12 месеци.
Клубовите потрошија повеќе од 1,9 милијарда долари за меѓународни трансфери, што е намалување од околу 18 отсто во споредба со јануари 2025 година, но, сепак, повеќе од 20 проценти над бројките забележани во јануари 2023 година.
Нов рекорд беше поставен и во женскиот професионален фудбал. Првпат досега клубовите вложија повеќе од 10 милиони долари за меѓународни трансфери во текот на јануарски преоден рок, повеќе од 85 отсто над претходниот рекорд, поставен во јануари лани. Регистрирани се повеќе од 420 меѓународни трансфери, што е мало намалување, за нешто помалку од шест проценти, во споредба со јануари 2025 година, пишува Светската фудбалска федерација.
Клубовите од Англија најмногу вложија во женскиот фудбал (повеќе од пет милиони долари), а направија и најмногу дојдовни трансфери, пишува ФИФА. Во машкиот фудбал, англиските клубови беа предводници со вкупни трошоци за трансфери од над 360 милиони долари. Првите пет на оваа листа беа комплетирани од клубови во Италија, Бразил, Германија и од Франција, пишува ФИФА.
Бразил се најде на врвот на листата според најголем број дојдовни трансфери, по што следуваат Шпанија, Аргентина, Англија и Португалија. Земјата со најголем број трансфери во странство беше Аргентина, а Англија, Бразил, Шпанија и САД ги заокружуваат првите пет на таа листа, пишува Светската фудбалска федерација. Н.М.
































