Импресивна уметничка програма ја обележа гала-вечерта „Културна Кина · Прекрасниот Сичуан“
Импресивни сценски дела со опера, танц и борачки вештини во изведба на врвни уметници од Народна Република Кина ја збогатија гала-вечерта насловена „Културна Кина · Прекрасниот Сичуан“ одржана во Македонскиот народен театар во Скопје во вторникот навечер, по повод претстојната Кинеска нова година.
Сичуанската оперска трупа од кинеската покраина Сичуан, Струковиот универзитет за уметности „Ченгду“ и театарското друштво „Џингџу“ од Пекинг учествуваа на настанот организиран со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија и Министерство за култура и туризам на Македонија, а коорганизатори се Кинескиот меѓународен центар за културна размена, Македонскиот народен театар и Народниот театар–Битола.
– Драги пријатели, за нешто повеќе од десет дена ќе ја дочекаме Кинеската лунарна нова година. Тоа е годината на коњот. Во обете култури, коњот симболизира брзина, сила и храброст. Нека инспирира да продолжиме напред со енергија, единство и решителност градејќи посветла иднина за нашите земји и народи – нагласи амбасадорката Џианг Сиаојан во нејзиното обраќање пред голем број гости од политичкиот, културниот и од јавниот живот.

Уметниците од НР Кина изведоа 12 национални уметнички перформанси, вклучувајќи сценски дела со опера, танц, борачки вештини…, меѓу кои приредија и инструментална изведба на македонската народна песна „Ој девојче, девојче“, на особено воодушевување на публиката.
Големо внимание привлекоа и перформансите со т.н. менување лица, како дел од Сичуанската опера, претставувајќи ја богатата културна традиција на Кина. Изведувачите носеа разнобојни маски што прикажуваа добро познати ликови од операта, кои ги менуваа на сцената.

Сичуанската оперска трупа од покраината Сичуан е основана во 1960 година. Трупата постојано негувала исклучителни таленти и продуцирала извонредни дела. Создала и извела над 200 традиционални и модерни опери, освојувајќи голем број национални награди. Струковиот универзитет за уметности „Ченгду“, основан во 1999 година, беше одобрен и надграден во универзитет за додипломски студии од Министерството за образование на Кина во декември 2018 година.

































