Татни ескалација во Ормускиот Tеснец
Распоредувањето шест високоспецијализирани американски воени авиони „EA-18Г граулер“ на Блискиот Исток претставува јасен сигнал дека Вашингтон влегува во нова фаза на воено позиционирање во регионот. Иако официјално не е најавена конкретна операција, природата на овие летала и начинот на нивното распоредување упатуваат на подготовка за можен директен судир со Иран.
Според податоци од следењето летови со отворен код и регионалната воздушна активност, „граулерите“ полетале од поморската воздухопловна станица „Океана“ во Вирџинија, со поддршка од четири воздушни танкери „KC-46A пегаз“. По меѓуслетување во базата „Рота“ во Шпанија, авионите продолжиле кон воздухопловната база „Мувафак Салти“ во Јордан – клучна точка за американските напредни операции на Блискиот Исток.
Самата сложеност и логистика на ова трансатлантско префрлање укажуваат на координирана операција со долг дострел, каква што обично ѝ претходи на сериозна воена ескалација.
Јордан се дистанцира, но географијата демантира
Распоредувањето на американските авиони предизвика брза дипломатска реакција од Јордан. Властите во Аман се обидоа јавно да се оградат од можноста нивната територија да биде искористена како отскочна штица за напад врз Иран.
Министерот за надворешни работи Ајман Сафади во телефонски разговор со својот ирански колега Абас Арагчи истакна дека „Јордан нема да биде бојно поле во никаков регионален конфликт“. Но ваквите изјави тешко можат да ја неутрализираат реалноста на геополитиката: присуството на американска воена инфраструктура автоматски ја вклучува земјата во поширокиот безбедносен пресметковник на регионот.
Со што располага Иран за рано предупредување на нападот?
Иран располага со една од најкомплексните и најслоевити мрежи за воздушна одбрана во регионот. Таа вклучува комбинација од руски системи („С-300“, „тор“, „панцир“), домашно развиени решенија и кинески радари за рано предупредување, сите поврзани во централизирана командна структура.
Токму ваквиот тип на архитектура е идеална цел за „граулерите“. Американската воена доктрина предвидува нивна употреба кога целта е да се неутрализира противник што се потпира на технологија, комуникација и интегрирани сензорски системи — опис што совршено одговара на иранската воздушна одбрана.

Поуките од Венецуела и пораката до Техеран
Американските „EA-18Г“ веќе имаат борбено искуство во слични операции. За време на ударите врз Венецуела, „граулерите“ одиграа клучна улога во потиснувањето на венецуелската воздушна одбрана, која исто така користи руска технологија. Тогашното блокирање на радарите и комуникациите овозможи брза и ефикасна воздушна операција со минимален ризик за американските сили.
Коментарот на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет дека „се чини дека руската воздушна одбрана не работеше многу добро, нели?“, беше јасна политичко-воена порака не само до Москва туку и до сите земји што се потпираат на истата технологија. Иран, несомнено, ја прими таа порака.
Удир што сѐ уште се подготвува во тишина
Иако засега нема официјална најава за напад, распоредувањето „граулери“ во Јордан сугерира дека САД создаваат предуслови за брза и решителна воена акција доколку политичката одлука биде донесена. Овие авиони ретко се испраќаат како демонстрација без конкретна оперативна логика.
Во тој контекст, сегашната ситуација личи на тивка техничка ескалација – онаа што не се одвива преку јавни закани, туку преку радари, фреквенции и распоредување специјализирани средства.
Прашањето повеќе не е дали постојат тензии меѓу САД и Иран, туку колку блиску се двете страни до моментот кога електронската војна ќе премине во отворен воен судир. Р.С.

Какви се тие авиони „граулер“ и зошто се клучни за првите часови на војната?
„EA-18Г граулер“ не е класичен борбен авион. Тоа е примарно офанзивна платформа за електронско војување, дизајнирана да ги „ослепи“ и дезорганизира непријателските системи за воздушна одбрана уште на самиот почеток на конфликтот.
Овие авиони се опремени со напредни системи за електронско извидување, блокирање на радарите и нарушување на комуникациите, како и со антирадарски ракети АГМ-88 ХАРМ. Тие можат да создадат лажни радарски сигнали, да го заматат просторот и да ја прекинат врската меѓу командните центри и ракетните батерии на противникот.
Со други зборови, „граулерите“ не ја водат војната – тие ја отвораат вратата за неа. Р.С.
































