По повод 4 февруари – роденденот на Гоце Делчев, фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ ги соопштува добитниците на меѓународната награда „Гоцева мисла“ за 2026 година, која традиционално се доделува во чест на Гоце Делчев и на неговата знаменита мисла: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Наградата „Гоцева мисла“ е високо признание што им се доделува на личности што со својот творечки, културен и интелектуален ангажман значајно придонесуваат за афирмацијата на македонската култура, литература и духовни вредности во меѓународни рамки, како и за унапредување на културниот дијалог меѓу народите. Добитници за 2026 година се Зорица Митровиќ од Белград (Србија) и Петре Димовски од Битола (Македонија).
На Зорица Митровиќ ѝ се доделува наградата за личниот придонес и животното дело во афирмацијата на македонската култура и идентитет во дијаспората.
Поточно, наградата „Гоцева мисла“ ѝ се доделува на Зорица Митровиќ за нејзиниот исклучителен личен придонес и животно дело во афирмацијата, зачувувањето и развојот на македонската култура, јазик и национален идентитет во Република Србија. Како претседателка на здружението на Македонците „Македониум“ од Белград, Зорица Митровиќ одигра клучна улога во градењето на здружението како современа и активна културна платформа, која покрај организацијата на традиционални манифестации, реализација на литературни, музички и уметнички проекти, активно придонесува за креативниот развој и меѓукултурната соработка меѓу културните чинители и институции во регионален и меѓународен контекст. Таа денес е претседателка на Националниот совет на Македонците во Србија.
На Петре Димовски му се доделува наградата за исклучителното книжевно творештво и животното дело во македонската литература. Поточно, наградата „Гоцева мисла“ му се доделува на истакнатиот македонски писател Петре Димовски за неговиот исклучителен и долгорочен придонес во развојот на македонската книжевност, како и за богатото и жанровски разновидно творештво, кое остава трајна трага во македонската културна историја.
































