Европа разгледува можности за оттргнување од зависноста од САД
- ЕУ има цел да ја намали зависноста од Америка во области како што се технологијата, енергијата, плаќањата и одбраната, за што се
смета дека ќе биде потребно подолго време
Европските влади и корпорации итаат да ја намалат својата изложеност на американска технологија, воена опрема и енергетски ресурси, додека трансатлантските односи се влошуваат, пишува реномираниот медиум „Политико“. Со децении, Европската Унија се потпираше на гаранциите на НАТО за безбедноста во европскиот блок и на американската технологија за да го напојува својот бизнис, но најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд и агресивните коментари за Европа од страна на членовите на неговата администрација дадоа нов поттик на повикот на европските лидери за „независност“.
– Ако сакаме повторно да бидеме сфатени сериозно, ќе мора да го научиме јазикот на политиката на моќ – рече германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела.
Воведени мерки за „отстранување на ризикот“ во односите со САД
Напорите за минимизирање на европската зависност од САД се засилуваат – од забраната за функционери за користење алатки за видеоповици со седиште во САД, трговски договори со земји како Индија, до притисок за диверзификација на европските доставувачи на енергија.
Функционерите од ЕУ нагласуваат дека ваквите мерки претставуваат „отстранување на ризикот“ во односите на Европа со САД, а не „раздвојување“ – термин што подразбира чист прекин на економските и стратешките врски. До неодамна, двата израза главно се применуваа во однос на европските напори за намалување на зависноста од Кина. Сега, тие се појавуваат во однос на САД, главниот трговски партнер и гарант на безбедноста на Европа.
Потегот за раздвојување е во повој. САД остануваат убедливо најголемиот трговски партнер за Европа и ќе бидат потребни години за блокот да се одвикне од американската технолошка и воена поддршка, според Жан-Лук Демарти, кој беше задолжен за трговскиот оддел на Европската комисија под поранешниот претседател на телото, Жан-Клод Јункер.
– Во однос на трговијата, САД опфаќаат значителен дел од нашиот извоз. Значи, тоа е многу, но не е прашање на живот и смрт – посочува Демарти.
Притисокот за диверзификација од САД доведе до тоа Брисел да склучи трговски договори со блокот Меркосур, составен од латиноамерикански земји, како и со Индија и со Индонезија, во последните месеци. Комисијата, исто така, го обнови својот договор со Мексико и ги обнови застојаните преговори со Австралија.
Зајакнување на клаузулата за заемна одбрана на ЕУ
По Втората светска војна, Европа се потпираше на НАТО за својата безбедност – за што САД придонесуваат со најголем дел од финансирањето. Конзервативните европски лидери, вклучувајќи го и германскиот канцелар Мерц, неодамна во Загреб рекоа дека е време блокот да ја зајакне својата клаузула за заемна одбрана, која ги обврзува земјите од ЕУ на договор за одбрана на секоја земја од ЕУ што ќе биде нападната.
Иако постои од 2009 година, клаузулата за заемна одбрана на ЕУ по членот 42.7 ретко се сметаше за неопходна бидејќи членот 5 на НАТО служеше за слична цел.
Во Загреб, европските лидери ја прифатија новата улога на ЕУ како безбедносен актер, задолжувајќи двајца лидери, засега неименувани, брзо да смислуваат планови за претворање на клаузулата на ЕУ од реторика во цврста безбедносна гаранција.
Во обраќањето пред европратениците минатата недела, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека секој што верува дека Европа може да се одбрани без САД треба „да продолжи да сонува“. Тоа е уште една индиција оти Европа останува во голема мера зависна од воените капацитети на САД, но, некои Европејци сега отворено зборуваат за цената на намалувањето на безбедносната поддршка од САД – и велат дека е прифатлива.
Засега, европските земји во голема мера се потпираат на САД за воени технологии, вклучувајќи надзор и извидување, разузнавање, стратешки полет, ракетна одбрана и вселенски средства. Моќната конзервативна групација, Европската народна партија, вели дека токму тоа се областите каде што Европа треба да ги подобри своите капацитети.
Промената на расположението е најјасна кога станува збор за технологијата, каде што европската зависност од платформи како што се „Икс“, „Мета“ и „Гугл“ долго време ги мачи гласачите на ЕУ, што се докажува со широката поддршка за технолошкото законодавство на блокот.
– Многу е јасно дека Европа го доживува својот момент на независност. Во текот на изминатата година, сите навистина сфатија колку е важно да не зависиме од една земја или од една компанија кога станува збор за некои многу критични технологии – изјави извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, на конференцијата на „Политико“ минатата недела.
Владата на францускиот претседател Емануел Макрон планира да им забрани на службениците да користат алатки за видеоповици со седиште во САД, а други земји како Германија размислуваат за слични потези. Во Европскиот парламент, пратениците ја повикуваат претседателката Роберта Мецола да се откаже од американскиот софтвер и хардвер, како и од алатката за резервација на патувања со седиште во САД.
Во Германија, политичарите бараат потенцијална германска или европска замена за софтверот направен од американската фирма за анализа на податоци „Палантир“. Дури и во Холандија, една од проамериканските земји во Европа, има сè поголеми повици од пратениците и гласачите да се оградат чувствителните технологии од влијанието на САД.
Досега, Брисел сè уште не ги кодифицирал таквите потези во закон. Но се очекува претстојното законодавство за клауд-услуги и вештачка интелигенција да испрати сигнали за потребата од европеизација на технолошките понуди на блокот.
Засилени напори за енергетска диверзификација
Во врска со енергетиката, очигледен е истиот тренд. Соединетите Американски Држави обезбедуваат повеќе од една четвртина од гасот на ЕУ, удел што ќе се зголеми дополнително со стапувањето во сила на целосна забрана за руски увоз. Брисел ги засилува напорите за диверзификација, продлабочувајќи ги разговорите со алтернативни доставувачи, вклучувајќи ги Канада, Катар и северноафриканските земји како што е Алжир.
Премин кон европски плаќања
Платежните системи исто така се предмет на контрола, а европратениците предупредуваат на прекумерна зависност од американските платни системи како што се „Мастеркард“ и „Виза“.
Дигиталното евро, кое Европската централна банка се подготвува да го издаде во 2029 година, има цел да ги намали овие зависности и да обезбеди паневропско суверено средство за плаќање. Одредени германски политичари исто така алармираат за 1.236 тони златни резерви што Германија ги чува во Федералната резервна банка на Њујорк.
Неколку европски земји исто така вршат притисок врз ЕУ да ги привилегира европските производители кога станува збор за трошење на јавните пари на ЕУ преку кампањи и договори со слоганот „Купувајте европско“.
Сценариото за „развод“ веќе е во тек, но допрва ќе се види како ќе се спроведува со оглед на потенцијалното отуѓување во клучни области на досегашната децениска соработка. Р.С.































