Кому му требаат денес уметност и уметници?

Сум го кажал ова и другпат, но добро е да повториме: образованието е приватна работа. Дали ќе се образоваш, за што и зошто – е прашање на кое одговорот е само и единствено кај тебе. Изборот на професија е определен вид на егоизам, кој има лични и општи придобивки, но и лични и општи последици од таквата одлука. Изборот, пак, на професија од областа на уметноста не е само квалификација за вршење дејност, туку квалификација за соживот – најчесто со себе самиот! Имај го ова на ум кога ќе посакаш да бидеш уметник. Што и да значи тоа?
Драги мои, еве сме пред нови дилеми. Министерката за образование Весна Јаневска покажува решителност и сила да се бори со целото општество, затоа што, во принцип, со прашањето на образованието нема човек што не е засегнат најмалку со тројца негови најблиски: деца, браќа и сестри и внуци! И ајде сега, ела да те видам јунак – погоди им на сите! Особено во ситуација кога станува збор за државно, во најголем дел бесплатно, односно образование платено од сите оние горенаведени. Нема зошто да се лутиме, кога некој нешто плаќа, сака да го добие најдоброто за своите пари. И тука во принцип завршува одговорноста на државата, во случајот на Министерството за образование во државното, но и во приватното образование. Од тој момент одговорноста е наша, на оние што во светот на консумеризмот ќе го (пре)даваме, но и ќе го консумираме тоа образование. На почетокот сакам да изведам основна дефиниција на идејата за тоа што е уметност и што се уметници? Драги мои, во Македонија, осумдесет години во процесот на образование во сферата на таканаречените уметнички дејности не се постави основното прашање – за што ги образоваме оние млади луѓе што доаѓаат на факултетите за уметности? За филозофи или за квалификувани работници со конкретна професија во конкретна дејност и индустрија? Темата е комплексна и веројатно нема со една колумна да одговорам на прашања и проблеми што се создавани со децении и за кои никој не сака да разговара, да ги елаборира, да ги отвори и провери во нивната суштина. Барем не јавно и низ дебата. Но, како и за сѐ друго за што сум пишувал, а немам илузии дека ќе го решам со колумна – и не било причина да не го напишам, еве и овој пат ќе го направам истото тоа. Каде е основниот проблем? Според мене, во општата идеја на образовниот состав на факултетите за уметности, меѓу другите во определена мера и на универзитетот „Еуропа Прима“, каде што јас припаѓам. Ајде од почеток. Најважното прашање. Какво е јавното разбирање или општото сфаќање за тоа што е уметност и што е уметник во Македонија? Уметност е дејност во која еден човек или група на луѓе создаваат дело што треба да се каже или покаже јавно како производ на нивните разбирања за нешто посебно, емотивно и лично! Ова е најелементарната дефиниција на поимот уметност, за големото мнозинство на пристојно образовани граѓани. И не е погрешна. Но, проблемите почнуваат во оној момент кога треба да се соочиме со десетина првични, сосема елементарни прашања на кои мора да имаме конкретни и категорични одговори, разбирливи и за уметниците и за консументите.

1. Кој ја консумира уметноста? (Онаа што е финансирана со државни средства и секогаш има една и единствена крајна цел – да биде исконсумирана од тие што ја плаќаат?)
2. Дали уметноста е производ за на пазар? (Секако, за пазар за уметности зборувам.)
3. Дали Македонија има пазар за уметност и уметнички дела?
4. Каков е потенцијалот на тој пазар?
5. Дали има поврат на вложените средства на пазарот на уметност и уметнички дела?
6. Што се смета како поврат на средства?
7. Дали духовните вредности се производ за на пазар?
8. Дали тој пазар создава додадена вредност?
9. Ако има додадена вредност, колкава е материјалната, а колкава нематеријалната?

И десеттото, најверојатно не и последното прашање: кој и на каков начин ја валоризира вредноста на таа уметност и на тие уметници и дали и кому, во каква форма и содржина, му е потребна таа уметност на оној што ја плаќа и консумира? Ако тоа не е пазарот, на крајот од се?!
Драги мои, во последните триесет години се отворија сите возможни прашања во политиката, здравството, правото, економијата, земјоделството, финансиите, транспортот и другите сфери на современото живеење, па не се дадоа сите одговори и не се решија сите проблеми. Но прашањата поврзани со овие дејности се дебатираат, се водат јавни спорови, постои медиумска присутност, видливост и општествени дискурси. Да, тие дискурси се различни, спротиставени, постојат несогласувања, дури и јавни и лични судири на заинтересирани поединци и групи, но за сите нив се разговара! Да му се сневиди, тоа е демократијата во нејзината суштина – конфликтна идеја за светот. Но за уметноста и уметниците – нема никаква јавна дебата. Никој не говори ништо. Одвреме-навреме ќе падне некој збор за лични односи, главно поврзани со нашите уметнички суети, и секако со прашања поврзани со синдикалните права и социјалниот стандард. На тоа се сведува јавното говорење за проблемот на уметноста и уметниците. Не постои дури ни академски форум што ќе ги отвори суштествените прашања за тоа што е уметност и што е уметник во време кога вештачката интелигенција на секаков начин и со сите средства го зазема местото на уметноста и уметниците! Ние не разговараме. Ништо не се случува. Сѐ е супер, ете само уште да успееме да излобираме кај министерот Љутков за дополнителни три отсто покачување на платите – и веќе сме во уметничкиот рај!
Колеги, мора да ве разочарам – го живеете рајот! Пеколот е она што допрва нѐ очекува. Доаѓа со ѓаволска брзина. Три коњи се впрегнати и ја влечат таа адска кочија на пропаста на уметноста, таква каква што ја знаеме во овој момент сега! Ако ги исклучиме апокалиптичните идеи за уметноста и иднината на уметниците во светот на консумеризмот, на крајот пак ќе останат за одговарање оние десет прашања што ги поставив погоре. Лошото е во тоа што најверојатно прашањата и дилемите се многу повеќе и многу посложени за одговарање и решавање. Има ли излез од ова, засега – јавно молчење? Секогаш има решение, доколку се согласиш дека имаш проблем? Ако нешто сакам да направам, тоа е да иницирам јавно говорење за прашањата: За што образоваме луѓе на универзитетите за уметност? Што е уметност? Начин на живот или производ за на пазар? Каква е иднината на уметноста? Што во суштина значи денес да се биде уметник и да се создава уметност? Што ќе значи тоа во блиска иднина? Какви квалификации му требаат на уметникот? Што ги очекува уметноста и уметниците со развојот на новите технологии и новите медиуми во применетите уметности? Од филмот, телевизијата, театарот, музиката, вајарството, сликарството, дизајнот и графиката? И најважното прашање, кому му требаат денес уметност и уметници? Многу прашања, веројатно и уште повеќе одговори. Но и погрешниот одговор е подобар од молчењето.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“