• „Вилицата на Ибен Бајерс“ е застрашувачко истражување на човечкиот дух, кое ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија, кои даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми

Претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ по текст на Филип Грујиќ, во режија на Борис Василески, ќе биде изведена на први февруари, во 20 часот, во салата „25 мај“ во Младинскиот културен центар. Во претставата играат: Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли и Јанка Лефкова. Продуцент на претставата е Андреа Маркоска, драматург Стефан Миленков, костимографијата е на Марта Дојчиновска, сценографијата е на Ненад Тонкин, а музиката е на Сашко Костов.
Претставата сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток. Општествениот коментар на делото се зајакнува уште повеќе со појавата на радиумските девојки, кои паралелно со приказната на Ибен, ја раскажуваат и својата приказна обоена во црно од зелениот еликсир.
„Вилицата на Ибен Бајерс“ е застрашувачко истражување на човечкиот дух, кое ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија, кои даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми.
Во мракот на фабриките за часовници нешто неприродно свети. Младите работнички ги лижат четките, бележејќи радиумски бројчаници – им кажале дека е безопасно, дури и здраво. Нивните фустани светат кога одат дома. Нивните усни. Нивната коса. Тоа е магија, мислат тие. Радиумот е чудо на 1920-тите – во крема за лице, во чоколадо, во пијалаци што ветуваат енергија и виталност. Го нарекуваат „вечна сончева светлина“. Научниците добиваат Нобелови награди за него. Богатите го пијат во скапоцени шишиња, а работниците го бележат за пари. Ибен Бајерс, харизматичен индустријалец, шампион, човек што секогаш добива што сака – ја наоѓа својата опсесија во зелениот еликсир наречен „радитор“. Едно шише. Сто шишиња. Илјада и четиристотини шишиња. Чувството на моќ е неодоливо. Но радијацијата не разликува класа, пол, ниту амбиција. Коските на младите девојки почнуваат да се распаѓаат. Вилицата на Бајерс отпаѓа парче по парче. Она што светеше во мракот, сега свети од нивните гробови – радиоактивни останки што ќе траат илјадници години…
„Вилицата на Ибен Бајерс“ ги преплетува овие две вистински приказни во едно мистично театарско искуство. Паралелно со приказната на Ибен, радиумските девојки ја раскажуваат своја приказна обоена во црно од зелениот еликсир, создавајќи моќен општествен коментар за цената на неконтролираната амбиција и кревкоста на човечкото постоење. Со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува длабоко во темнината што се крие зад навидум непобедливата аура на протагонистот. В.Д.