Спроведено истражување за учеството на велосипедистите во сообраќајот
- Пешачењето и возењето велосипед се едни од најздравите, најекономични и најодржливи начини на движење. Тие придонесуваат за подобар квалитет на животот, намалување на болестите, почист воздух и за похумано урбано живеење. Затоа, прашањето не е дали треба да се вози велосипед, туку како да се овозможи тоа да биде безбедно
Дали ниското ниво на користење велосипед и на другите форми на активен транспорт навистина е прашање на избор – или е прашање на чувство на безбедност во сообраќајот? На глобално ниво, таканаречените ранливи учесници во сообраќајот – пешаците, велосипедистите и мотоциклистите – сочинуваат повеќе од половина од сите повреди во сообраќајните незгоди. Овој податок сам по себе е алармантен, но не треба да биде причина за избегнување на возењето велосипед и на пешачењето. Напротив!
Како што нагласивме и во претходни написи, пешачењето и возењето велосипед се едни од најздравите, најекономични и најодржливи начини на движење. Тие придонесуваат за подобар квалитет на животот, намалување на болестите, почист воздух и похумано урбано живеење. Затоа, прашањето не е дали треба да се вози велосипед, туку како да се овозможи тоа да биде безбедно.
Токму од тие причини, во рамките на истражувањето спроведено во Скопје со вкупно 1.169 учесници, го анализиравме односот меѓу социодемографските карактеристики, нивото на образование, користењето мобилни телефони и слушалки, носењето заштитна опрема и учеството во сообраќајни незгоди кај велосипедистите.
Автори на истражувањето се: д-р Џансун Буковец, д-р Кристина Шунтова, д-р Анета Костова, Даница Стевковска, Сања Саздовска, проф. д-р Гордана Ристовска и проф. д-р Михаил Кочубовски, со поддршка на науч. сор. Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Исто така, за собирањето на податоците имавме значајна помош од неформалното здружение за урбан велосипедизам „НаТочак“.
Ризични навики што не смееме да ги игнорираме
Резултатите покажуваат загрижувачка слика. Повеќе од половина од испитаниците (59 отсто) не носат никаква заштитна опрема при возење велосипед, додека само 17,7 отсто изјавиле дека секогаш користат заштитна опрема. Особено низок е процентот на користење кацига при секојдневно возење велосипед низ град – само 2,4 отсто.
Дополнително, одвлекувањето на вниманието за време на возењето е широко распространето. Дури 32,5 отсто од испитаниците користат мобилен телефон додека возат велосипед, а 41 отсто возат со слушалки. Овие уреди го одвлекуваат вниманието визуелно, когнитивно и аудитивно и значително го зголемуваат ризикот од сообраќајна незгода.
Нашите резултати покажуваат јасна и статистички значајна поврзаност: користењето мобилен телефон при возење велосипед е силно поврзано со зголемен ризик од сообраќајни незгоди, додека носењето заштитна опрема е поврзано со помал ризик. Најголемиот дел од велосипедистите што доживеале незгода не носеле заштитна опрема, додека околу 70 отсто од оние што никогаш немале сообраќајна незгода изјавиле дека не користат телефон додека возат.
Личната заштитна опрема, особено кацигата, може да спаси живот
Важно е да се нагласи дека кацигата не ја спречува сообраќајната незгода, но значително ги намалува последиците. Научните податоци покажуваат дека користењето велосипедска кацига ги намалува повредите на главата за 48 отсто, тешките повреди на главата за 60 отсто, трауматските повреди на мозокот за 53 отсто, повредите на лицето за 23 отсто и смртните или тешки повреди во целина за 34 отсто.
Притоа, постои јасна поврзаност меѓу пониското ниво на образование и помалата веројатност за користење заштитна опрема, што укажува на потребата од насочени едукативни програми.
Сообраќајните незгоди и чувството на небезбедност
Вкупно 17,7 отсто од учесниците изјавиле дека биле вклучени во сообраќајна незгода. Меѓу нив доминираат мажите (60,9 отсто), што е во согласност со националните сообраќајни статистики. Во најголем дел од случаите, велосипедистите биле вклучени во судири со патнички возила.
Дополнително, 89,1 отсто од испитаниците сметаат дека велосипедските патеки во Скопје не се соодветно обележани и заштитени. Ова не е само инфраструктурен проблем, туку и психолошки: чувството на небезбедност директно влијае врз однесувањето на велосипедистите и нивната подготвеност да го користат велосипедот како секојдневно превозно средство.

Брзината – клучен фактор за сериозноста на последиците
Брзината на движење на моторните возила е еден од најзначајните фактори за тежината на сообраќајните незгоди. Во Македонија, во согласност со податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од 2010 до 2023 година, возењето над дозволениот лимит учествувало со 34,2 отсто од сите евидентирани фактори што придонеле за сообраќајни несреќи, а во Скопје дури 38,5 отсто.
Поведени од ова, во нашето истражување, испитаниците беа прашани дали се согласуваат со ограничување на брзината на движење на моторните возила на 50 километри на час (км/ч) на булевари и 30 км/ч на улици. На ова прашање, 83 отсто одговорија потврдно, додека 17 отсто не се согласија со ваквото ограничување. Овој висок степен на поддршка покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на брзината како фактор за безбедност.
Во овој контекст, важно е да се напомене дека во Македонија во моментов се воведуваат системски мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот преку автоматизиран видеонадзор во рамките на проектот „Безбеден град“. Од јавноздравствен аспект, овие мерки претставуваат чекор кон подобра заштита на сите учесници во сообраќајот. Намалувањето на брзината значи помал број незгоди и помали последици кога тие би се случиле – особено за велосипедистите и пешаците. Додека, тоа, врз основа на постојните научни докази, ќе придонесе кон посилно насочување на граѓаните на активните начини на транспорт, а чии здравствено-економски придобивки беа подробно опишани во претходните натписи.
Три столба на побезбеден сообраќај: однесување, правила и инфраструктура
Голем дел од експертите се согласуваат дека човечкото однесување учествува со околу 85 отсто во причините за сообраќајните незгоди, додека инфраструктурните и техничките фактори го сочинуваат остатокот. Затоа, подобрувањето на безбедноста мора да оди во три насоки: промена на однесувањето, легислативи што ќе ја поддржат безбедноста во сообраќајот и ќе го промовираат активниот начин на транспорт и инвестирање во безбедна сообраќајна инфраструктура.
Меѓутоа, да не се заборави дека активната мобилност не зависи само од однесувањето и инфраструктурата туку и од квалитетот на јавниот простор. Чистите, одржувани и безбедни улици, како и зелените и засенчени коридори (особено во лето), се значајни предуслови за секојдневно пешачење и возење велосипед.
Добро дизајнираните велосипедски патеки, со физичка демаркација и јасни правила, не само што го намалуваат бројот на незгоди туку и го зголемуваат чувството на сигурност – фактор што е клучен за одржување и зголемување на бројот на велосипедисти.
Целта на оваа анализа не е да се демотивираат граѓаните. Напротив. Велосипедот треба и мора да остане дел од решението за поздрави, поодржливи и похумани градови. Но за да се случи тоа, потребни се безбедни улици, одговорно однесување и политики што го ставаат човекот, а не брзината, во центарот на сообраќајот.
Со комбинација од едукација, инфраструктура и доследно спроведување на правилата, возењето велосипед може да биде она што треба да биде симбол на слобода, здравје и на подобар урбан живот.
Автори: д-р Џансун Буковец и д-р Кристина Шунтова
Велосипедот како лек: здравје, пари и поквалитетен живот
Како Македонија може да заштедува по 100.000 евра годишно од пешачењето на само 190 луѓе
































